Златниот Ferrari SF90 Spider Швеѓанецот го купи минатата година, за сега конечно и да му биде доставен 

Во октомври минатата година, шведскиот фудбалски репрезентативец и напаѓач на Милан, Златан Ибрахимовиќ (40), по повод својот роденден, на социјалните мрежи се пофали со својот најнов додаток во ергелата на Ferrari која ја поседува.

Шведската фудбалска ѕвезда, познат по своите контроверзни изјави, тогаш си го честиташе роденденот и објави фотографија од половина милион евра вредниот Ferrari SF90 Spider, отворена верзија на хибридниот хипер автомобил од Маранело со 1000 КС.

Се чини дека автомобилот конечно му е испорачан, бидејќи најголемата ѕвезда на Милан е снимена зад воланот на улиците на Милано во сосема лежерен „аутфит“ и со подигнат покрив бидејќи, сепак, сè уште е февруари.

Бојата на ова Ferrari, која не е класична црвена туку нова сосема необична златно/жолта металик „Giallo Montecarlo“ наменета само за варијантата Spider, се чини сосема одговара на карактерот на Швеѓанецот со балканско потекло.

Познато е дека Ибрахимовиќ своите автомобили ги вози кога ќе стигне и не ги чува во загреана гаража како за на изложба, па затоа вратите на фабриката Маранело нему му се секогаш отворени и котира многу високо на листите за нивните ексклузивни модели од мала серија.

Со 1.000 КС, ова е најмоќниот Spider модел некогаш излезен од фабриката, а моќта ја обезбедува централно сместен 4.0-литарски V8 твин-турбо мотор потпомогнат од три електромотори – два на предната оска и еден помеѓу бензинецот и кутијата од 8-степениот менувач со две спојки.

Турбо бензинецот постигнува 780 КС и 800 Nm максимален вртежен момент, додека електромоторите испорачуваат комбинирана моќност од 162 kW или 220 КС, соодветно, а моќта се добива од литиум-јонска батерија од 7,9 kWh. Погонот е на сите тркала.

Ова Ferrari без покрив, кое достигнува 100 km/h за 2,5 секунди и 200 km/h за 7 секунди, е веќе четврти модел во рацете на Златан: досега можеше да се види зад воланот на еден од само 500-те примероци на Ferrari LaFerrari по цена од милион евра, специјалното Ferrari Monza SP2 направено во само 449 примероци за кое, исто така, Златан искеширал милион, како и нешто постариот, но сè повреден култен Ferrari Enzo, од кои се произведени само 400 примероци помеѓу 2002 и 2004 година, а денес вреди околу 3 милиони евра …