И тоа е можно! Некој на паркинг си го „заборавил“ својот Lamborghini Huracan Performante
Овој модел своевремено ја освои титулата за најбрз сериски автомобил на Нирбургринг, со време од 6:52:01
Кога некој ќе остави постар класичен автомобил паркиран во гаража подолго време, донекаде е разбирливо: веројатно сопственикот со месеци чека пролет за да го однесе својот миленик на возење. Но, кога речиси ново Lamborghini Huracán Performante собира прашина, тогаш тоа е дефинитивно необична глетка.
Ако се суди според фотографијата споделена на инстаграм профилот на supercar.fails, автомобилот веројатно бил паркиран на исто место со месеци.
Острата спортска каросерија на специјалната верзија на Huracán е покриена со дебел слој прашина која минува низ сите набори така што е невозможно да се фрли поглед низ стаклото во кабината.
Црвениот болид со црни тркала и иновативна ALA (Aerodynamics Lamborghini Attiva) технологија развиена за големи брзини со карбонски елементи присутни во задниот спојлер, предниот сплитер и дифузерот во меѓувреме на некого му послужил за „цртање“ додека стои на паркингот на зграда во Отава, Канада.
Инаку, моделот Huracán Performante во 2017 година беше претставен како најспортска и најекстремна верзија на италијанскиот спортски автомобил по цена од 270.000 евра.
Неговиот 5:2-литарски V10 мотор испорачува 640 КС и 600 Nm вртежен момент, а има и автоматски менувач и систем за погон на сите тркала за неверојатни перформанси. Од 0 до 100 km/h Huracán Performante забрзува за 2,9 секунди по што тргнува по максималните 325 km/h.
Токму овој модел своевремено ја освои титулата за најбрз сериски автомобил на Нирбургринг, со време на круг од 6 минути и 52,01 секунди. Подоцна го надминаа Porsche 911 GT2 RS (6:47,3) и Lamborghini Aventador SVJ (6:44,97), па навистина е штета што супер спортист способен за такви достигнувања е толку тажно осамен со месеци, ако не и со години, на јавно паркиралиште…