Концептот DS E-Tense повторно на сцена! Овој пат со моќни 815 КС и погон на сите тркала / ФОТО+ВИДЕО
Изложбениот експонат кој привлече најголемо внимание од сите изложени на штандот на тогашната групација PSA на салонот за автомобили во Женева одржан во 2016 година беше концептното електрично купе со ознаката DS E-Tense. Сепак, таков автомобил никогаш не се појави во гамата на DS подоцна
Шест години подоцна, менаџментот на DS одлучил да му даде втор живот на концептот и сега пред нас имаме суперавтомобил со ознаката DS E-Tense Performance – уште помоќен.
Панелите на каросеријата, кои во основа се направени од пластични влакна засилени со јаглерод, останале идентични, што е можеби малку чудно за концепт автомобил кој обично служи како увид во идниот стилски јазик на марката. Но, одговорот овде е сам по себе очигледен.
Значи, прототипот DS E-Tense Performance не е дизајниран почнувајќи од нула, односно од празен лист хартија, туку како основа е земен истиот автомобил од пред шест години, виден во Женева.
Сепак, дизајнот на предниот дел на возилото е променет, па верзијата Performance има систем за осветлување составен од 800 LED светилки и има холограмски дисплеј на местото каде сме навикнати да ја видиме решетката на ладилникот. Наместо леќи на фаровите, поставени се неколку камери кои се важни за функционирањето на електронскиот систем за помош на возачот.
Тркалата вклучуваат фелни со дијаметар од 21 инчи, а возилото е вкупно долго 4.720 милиметри. За жал, производителот не нуди фотографии од ентериерот, но јасно е дека е обложен со кожа и дека е вклучен напредниот аудио систем Focal Utopia. Така барем тврди конструкторот.
Опремата на концептот е целосно нова и е идентична со онаа што е инсталирана на перспективната трета генерација возила од серијата Formula Е (во која тимот DS се натпреварува од 2015 година), која ќе се појави на производните линии дури во 2023 година.
Ако оригиналниот прототип DS E-Tense имаше погон на задните тркала и само еден електричен агрегат од 402 коњски сили, верзијата Performance ги „вработува“ и предните тркала, благодарение на инсталирањето на дуо електромотори.
Единицата сместена пред возачот развива моќни 340 коњски сили, но коњаницата зад неа е уште побројна (475 „глави“). Вкупната моќност на погонската единица на тој начин достигнува 815 коњски сили, додека вртежниот момент на тркалата е нереални 8.000 њутн метри.
Тракционата батерија е развиена во соработка со компанијата Saft, која е дел од концернот TotalEnergies. Се наоѓа зад седиштето во специјална кутија изработена од алуминиум и пластика засилена со јаглеродни влакна. Располага со напреден систем за ладење базиран на течност. Сепак, нејзиниот капацитет е трагикомичен според денешните стандарди и е само 25 kWh.
Според официјално кажаното прототипот може да дигне „до стотка“ за само две секунди, но не се знае колку пати може да се повтори тоа пред да се полнат батериите.
DS всушност и не објави фотографии од новитетот, туку она што го гледаме е само компјутерска анимација. Но, возилото постои и ќе ја започне својата тест кариера на патиштата почнувајќи од овој месец. За жал, сериско производство не е планирано.
Спектакуларно стилизираното DS E-Tense Performance Coupé може да се смета и за мобилна лабораторија која ќе се користи за тестирање на нови технолошки решенија кои ќе се појават на идните електрични автомобили на француската марка. Конечно, почнувајќи од 2024 година, сите новитети од кујната на DS ќе сметаат исклучиво на електрична енергија.