По „гломазниот“ Enyaq, Škoda се врти кон помали електрични автомобили
Чешката марка планира да лансира три EV модели со помали димензии од Enyaq.
Томас Шефер, шефот на Škoda, сака следните три електрични возила да бидат во пониски сегменти од сегашниот електричен предводник во гамата. Сосема логичен чекор, бидејќи е јасно дека електрификацијата ќе треба да се пренасочи кон помалите градски автомобили, доколку оваа класа возила сака да се доближи до пошироките маси.
Чесите сакаат најмалку 50% од нивната продажба во Европа да биде електрични возила на четири тркала до 2030 година. А за таков потфат ќе биде неопходно да се понудат модели со попристапна цена. Така, Шефер потврдува дека Škoda ќе создаде базен модел во EV портфолиото, а наскоро треба да го видиме и концептот.
„Бидете уверени дека нашето возило ќе биде вистинска Škoda, различна од сличните производи од нашите сестрински марки“, вели Томас Шефер.
Овој воведен модел би требало да чини околу 20.000 евра, а ќе биде и духовен наследник на Citigo, кој не се произведува од 2020 година. Она што се знае за идните електрични асови на Škoda е дека еден од најавените три модели ќе биде возило од сегментот C.
Поточно, електричен пандан на Octavia, кој ќе биде поставен на модуларната платформа MEB. Но, засега нема попрецизни информации за тоа кога би можеле да се најдат на пазарот. Додека не излезат на сцената, Škoda останува со еден електричен модел во гамата отелотворен во Enyaq.