„Марли ни е сè на светот“: Семејство ја донира својата спортска Corvette Z51 на пронаоѓачот на нивниот домашен миленик / ВИДЕО
Дерек и Алекс се толку очајни што ја понудиле својата „корвета“ од 2016 година како награда на оној што ќе го најде нивниот Марли
Кучето е најдобриот пријател на човекот, а колку далеку човекот е подготвен да оди во име на своето сакано куче, имало многу примери. Ако сте го гледале Џон Вик, веројатно се разбираме за што зборуваме. Сепак, ова не е приказна за елитна група на убијци, туку приказна за трогателна врска помеѓу едно семејство и нивното куче Марли.
Дерек и Алекс Кирхнер од округот Коб во Џорџија (САД) трагаат по Марли од септември 2021 година. Семејството направило се за да го пронајде нивното исчезнато куче, но безуспешно. Дерек и Алекс се толку очајни што сега ја нудат својата Corvette Z51 од 2016 година како награда на оној што ќе го најде Марли, заедно со награда од 4.000 американски долари.
„Марли е голем дел од нашето семејство и мораме да ја вратиме“, вели Алекс за Fox News. Марли е мешанец и има четири години. Била посвоена од Cherokee County Humane Society пред неколку години, а кога Дерек и неговото семејство отишле на одмор во септември, Марли побегнала.
Оттогаш, Дерек ја бара Марли на различни начини… ја шири веста со возење велосипед и делење постери, па дури поставил и надзорни камери во градот, а биле консултирани и видовити лица за да помогнат во потрагата.
„Се будам наутро, излегувам надвор и почнувам да барам. Споделувам постери на мојот велосипед. Речиси сите во Хилтон Хед ме знаат како татко на Марли“, вели Дерек.