Враќање на отпишаниот: Volkswagen враќа електричен Up! / ВИДЕО
Volkswagen, како што стојат работите, ќе го рестартира производството на целосно електричниот e-Up со оглед на фактот дека побарувачката за поевтини електрични модели расте, а претстојниот ID.2 нема да дојде до 2025 година. Дополнително, електричните возила ги намалуваат казните за вишокот CO2 на флотно ниво
Германскиот производител на автомобили производството на e-Up! го стопираше во 2020 година заедно со сестринската Škoda Citigo iV, само една година по надградбата со поголема батерија. Тогаш беше кажано дека моделот не е дизајниран за масовно производство, иако поголем удел на елетрични модели гамата ги спасува производителите од скапи казни за „вишокот“ CO2.
Исто така, Volkswagen, како и Škoda,својот EV модел мораше да го продава со голем попуст како дел од поттикот за купување електрични модели, што го направи недоволно профитабилен. Според Automobilwoche, трговците на мало во Германија веќе почнале да примаат нарачки.
Конечната цена со најмоќниот пакет на опрема Style Plus ќе биде околу 17.000 евра во Германија, откако ќе се вкалкулираат владините стимулации (26.500 евра по ценовник) што е малку повисока цена од претходно, но доволно ниска за моделот да биде достапен за просечниот клиент.
Враќањето на моделот сигурно ќе го поздрават европските купувачи кои се сведоци на пораст на цените на новите автомобили, а всушност немаат многу опции во однос на достапните електрични возила. Електричните модели со слична големина ги вклучуваат Renault Twingo, Dacia Spring, Fiat 500 и smart EQ fortwo. Подобрениот модел од 2019 година нудеше досег од 260 километри.
Volkswagen веќе работи на сосема нов ID.2 базиран на намалена верзија на платформата MEB. Сепак, продукциската верзија на концептот ID.Life не се очекува пред 2025 година, па враќање на e-Up! барем делумно ќе ја покрие настанатата празнина.