Прв поглед на новиот Renault Austral
Renault објави фотографии од новиот модел во последната фаза на развој
Новиот Austral кој доаѓа како замена за Kadjar пристигна на европските патишта. Се уште е камуфлиран модел, па имаме само поглед на димензиите на возилото. Се добива впечаток дека Austral е поголем, а информациите за новата CMF-CD3 платформа носат многу придобивки за идните сопственици.
Од Renault информираат дека се вршат последни проверки на платформата и на останатите делови од возилото. Велат дека се прават Confirmation Runs тестови , што практично значи дека флота од околу стотина возила ќе помине два милиони километри.
За време на тестовите, новиот SUV ќе патува во Франција, Шпанија, Германија и Романија за да ги потврди претходно добиените вредности, при што 900 возачи ќе поминат 600.000 километри во вистински услови на отворен пат и уште 1.400.000 километри на тркачка патека.
Овие тестови, на пример, ќе овозможат проверка на поставките на новата платформа CMF-CD3, системите за помош при возење, звучната изолација или удобноста на суспензијата со цел да им се понуди на идните клиенти највисок можен квалитет.
Вреди да се спомене и тестирањето на новите погонски единици. Моделот ќе има низа новоразвиени електрифицирани бензински мотори: нова генерација E-TECH Hybrid мотор, 1.3 TCe mild-hybrid 12V и целосно новиот 1.2 TCe mild-hybrid 48V.
Сите овие мотори ќе бидат рекордно ефикасни во однос на намалување на емисиите на CO2 и ќе понудат максимална моќност до 200 КС.