Volkswagen Passat во лимузинска верзија е еутанизиран

Германската марка го суспендираше производството на овој, некогаш култен модел во Европа. Причините за ваквата одлука лежат во тоа што караванскиот Volkswagen Passat се продава подобро, а тука е и слично позиционираниот на пазарот Arteon.

За укинување на Passat во Европа се зборува од 2020 година. Се очекуваше за негово пензионирање во 2023 година, но се чини дека VW ги забрза работите. Компанијата го најави крајот на овој модел и во САД со Limited Edition издание.

Сегашната В8 генерација треба да биде темелно ревидирана во 2023 година. Деветтата генерација на овој модел ќе се базира на платформата MQB, а ќе биде достапна на Стариот континент исклучиво во конфигурација на каросеријата со продолжен покрив.

Како потсетување, VW Passat е достапен како седан и караван уште од оригиналниот модел дизајниран од Џорџето Џуџаро во 1970-тите.

Заминувањето на Passat ќе направи простор за идниот VW Aero B, електричен седан кој моментално е во развој и кој наоѓа инспирација во стилот на концептот ID Space Vizzion од 2019 година, а кој треба да биде достапен во двете каросериски верзии, исто како и Passat.