Ferrari 1947-2022: претставено логото за прослава на 75. роденден на компанијата / ВИДЕО
Во раните повоени години, масовниот пазар на автомобили штотуку се подготвувал за широко отворање, а Енцо Ферари решава да го направи спротивното, отворајќи ја својата мала фабрика во Маранело во 1947 година, внесувајќи го целото свое искуство, наместо во масовност, во својот сон за изработка на тркачки автомобили
Основачот на компанијата не штедел ниту човечки ниту финансиски капитал за да го развие 125 S, автомобил кој бил манифест не само за технолошките иновации, туку и за сопствените тркачки амбиции на Ferrari, a со тоа ги поставува темелите за идните победнички приказни. Оттогаш, постои огромна заедница на фанови, клиенти и, се разбира, вработени развиени околу брендот Ferrari.
Сите нив ги обединува општото чувство за припадност и страст, кое ги опфаќа сите возрасти и националности. Додека се подготвува за прославување 75 години револуционизирање на автомобилскиот свет, Ferrari го откри логото посветено на таа голема годишнина, во видео во кое главни ѕвезди се вработените.
Тоа се луѓето кои го обезбедуваат успехот на Ferrari од ден на ден, развивајќи силно чувство за поврзаност кое го опишуваат во видеото. „Страст“, „тимска работа“, „гордост“ и „извонредност“ се само некои од зборовите што ги користат одново и одново за да го изразат својот посебен однос со компанијата.
Преку мозаикот логото ги оживува лицата на вработените како признание за посветеноста и решителноста што ја покажале во текот на толку години, квалитети кои денес покажуваат насока за иднината на оваа успешна компанија.
Претседателот на Ferrari, Џон Елкан, ќе рече:
„За оваа посебна година, создадовме посебна икона: скулптура составена од илјадници пазли исковани овде во нашата фабрика и поставени една по една од моите колеги од Ferrari. Тоа е симбол на духот на Ferrai и овде во Маранело и во целото наше семејство ширум светот. Тоа ја отсликува суштината на тоа кои сме ние, нашите изминати 75 години и нашата иднина. Тоа е симбол на компанија која, како што еднаш рече Енцо Ферари, е составена од луѓе пред сè“.