Премиите за вработените се награда за одличните перформанси и флексибилност по уште една турбулентна година со пандемијата и полупроводничката криза

Проблемите со недостигот на полупроводници ја парализираа автомобилската индустрија и моментално нема производител на автомобили кој работи нормално. Намаленото производство, дури и целосно затворање на фабриките и отпуштања се секојдневно неизбежни.

Но, во глобалното сивило има сосема различни примери.

Германскиот Daimler објави дека поради одличната работа и флексибилност во 2021 година на своите вработени ќе им исплати дури по 6.000 евра бонус!

Финансиските резултати на Daimler за тековната година се уште не се достапни, но одборот на директори и работничкиот совет одлучиле да го поделат профитот на компанијата. Оваа сума ќе биде исплатена во февруари 2022 година, а бонуси ќе добијат околу 100.000 вработени.

„Одличниот развој на нашата компанија е тимска работа. Им благодарам на сите колеги кои толку многу придонесоа за нашиот успех“, вели Сабине Колајзен, директор за човечки ресурси во Daimler AG и Mercedes-Benz AG. „Изминатата година не беше лесна и затоа сум уште позадоволна што на вработените можеме да им исплатиме рекорден бонус како награда за вложеното“.