Opel подготвува рестилизација за Corsa
Хечбекот од Б-сегментот е многу млад модел, но Opel не спие
Новата, шеста генерација на Corsa веќе се покажа како многу успешен модел во комерцијална смисла, со одличната продажба во Велика Британија и Германија.
Германскиот хечбек е целосно базиран на технологијата на поранешната групација PSA, од платформата CMP до искористените агрегати.
Така, Corsa и Peugeot 208 се во суштина идентични близнаци кои се насочени кон пазарите од различни страни на Рајна. Сепак, Opel задржа одредена слобода во дизајнот на своите модели, па со рестилизацијата ќе се случат одредени промени во изгледот на Corsa.
Имено, во овој момент, малиот субкомпакт, заедно со Insignia, е еден од ретките модели на Opel кои не го користат т.н. Vizor анфас. Се очекува со рестилизацијата ова да биде променето. Дополнително, би требало да има мали промени околу стилизацијата на задната светлосна групација, а сè друго во екстериерот веројатно ќе остане горе-долу исто.
Што се однесува до салонот, се верува дека Opel ќе понуди нова, целосно дигитална инструмент табла, како и подобрен и поголем дисплеј за контрола на инфо-забавниот систем. Останатите промени би требало да бидат од суптилен карактер.
Кога станува збор за палетата на мотори, германските новинари се убедени дека Corsa ќе се откаже од дизелот 1.5 BlueHDi, а по рестилизацијата Corsa ќе биде достапна само со 3-цилиндeрски бензински мотори со моќност од 75 до максимални 130 КС.
Најмоќното издание на Corsa ќе остане електричната варијанта, која ќе продолжи да користи електромотор од 136 КС. Сепак, тука треба да се вметне батерија со поголем капацитет, па e-Corsa би можела да добие автономија од 400 km.
Производителот од Риселсхајм освежениот хечбек ќе го покаже на крајот од следната година, а продажбата ќе започне во 2023 година.