Škoda по две недели пауза продолжува со производство!
Фабриките на Škoda во Чешка повторно работат, иако не со полн капацитет.
Недостигот од полупроводници и микрочипови продолжува да го нарушува бизнисот во автомобилската индустрија, особено кога станува збор за производството на возила. Последната жртва е Škoda, чии погони не работат веќе две недели. Сепак, од неделата во 22 часот, повторно од фабричките линии излегуваат автомобили со значката на чешката марка.
Камила Бидл, ПР на Škoda, потврди дека производството повторно започнало. „Поголемиот дел од производните линии започнаа со работа од трета смена во недела на 31 октомври во 22 часот“, се вели во соопштението на Бидл. Прекинот во монтажата на нови возила на Škoda во претходните две недели значително ќе се одрази на резултатите на оваа марка за цела година, но и на целата економија на матичната земја.
Чешката Република значително се потпира на автомобилската индустрија, а според податоците обезбедени од локалното Здружение на производители на автомобили, претходната криза со електронските компоненти и придружните последици од пандемијата на корона вирусот го чинеле секторот 200 милијарди круни или околу 7,8 милијарди евра! Како потсетување, автомобилската индустрија во Чешка вработува околу 180.000 луѓе, а покрај домашната Škoda, фабрики во Чешка имаат и Hyundai и Toyota.
Што се однесува до брендот од Млада Болеслав, експертите предупредуваат дека можеби ова не е последен прекин на производството годинава. Бидејќи состојбата со набавката на спорните полупроводници и чипови не се подобрува, сметаат дека е сосема реално повторно да се затвори фабриката…