Volkswagen ID.3 привлекува нови клиенти за германскиот бренд
Целосно електричниот Volkswagen ID.3 глобално во продажните салони пристигна во летото 2020 година и брзо предизвика интерес кај клиентите
Во август 2021 година, овој компактен „електричар“ беше најкупуваниот електричен автомобил во Европа, а од неговото лансирање на пазарот до крајот на септември оваа година, Volkswagen веќе има примено над 144.000 нарачки за овој модел.
Дополнително, се покажа дека речиси половина од клиентите на ID.3 користеле други марки на автомобили до тој момент и никогаш претходно не возеле Volkswagen. Компанијата од Волфсбург проценува дека како резултат на тоа добила речиси 70.000 нови клиенти.
Најважниот фактор за купување споменат од страна на клиентите ID.3 е еколошката прифатливост. Во истражувањето спроведено меѓу германските клиенти, овој критериум го избрале 60% од луѓето. Иновацијата е на второ место, важна за 51% од испитаниците, а трета причина е наведена широката мрежа на дистрибутери.
Според стратегијата „Патот до нула (Way to Zero)“, до 2030 година најмалку 70% од европските продажби на Volkswagen треба да бидат електрични автомобили. Производителот воедно сака да лансира барем еден нов електричен модел секоја година.