Иако Honda допрва треба да го претстави новиот Civic Si, јапонската марка се чини дека е желна да го прикаже и новиот Type R, во пресрет на лансирањето закажано за 2022 година

 

Се разбира, „позирањето“ за камерите е под камуфлажа.

Она што може да се детектира од сликите се црвените Brembo сопирачки и гумите Michelin Pilot Sport 4. Исто така, се чини дека новиот Type R има многу помалку лажни отвори и пластични елементи, што секако е за поздрав. Централниот крај на издувните цевки сега е поголем од надворешните, додека во сегашната верзија е помал и служи како резонатор. Забележлива е и положбата на задното крило, кое сега лежи на малку повисока положба на задната врата и има порамна форма.

Слично како и обичниот Civic, „набилданиот“ модел се карактеризира со значително „почист“ дизајн, што секако би требало да биде позитивно прифатено од публиката. Предниот дел изгледа поагресивно со поголема долна маска и отвори за вентилација на страна. Дали се вистински или лажни, засега е непознато. Горната маска изгледа „покомпактна“, додека шемата во форма на саќе е различна во споредба со стандардниот Civic хечбек.

Honda засега не открива ништо за техничките спецификации, но она што се знае е дека новитетот (како и Si) пристигнува исклучиво со рачен менувач. Гласините кои секако не треба да се земат здраво за готово сугерираат дека ова е хибриден AWD погон со моќност од 400 КС, додека според информациите кои изгледаат пореални, сепак е еволуција на сегашниот рецепт со погон на предните тркала, со секако малку повеќе моќ.

Honda Civic Type R ќе биде последниот модел на јапонската марка во Европа што ќе се нуди со чисто бензински мотор. Во меѓувреме, Si ќе влезе на сцената во САД.