Станува збор за конечната, производствена верзија на микро автомобилот наречен CT1, која чини 12.500 евра

Израелската компанија City Transformer го претстави своето транспортно решение за урбани средини. Станува збор за конечната, производствена верзија на микро автомобилот наречен CT1, која чини 12.500 евра и чија посебна карактеристика е менување на димензиите.

Имено, автомобилот долг два и пол метри додека возите е широк 140 cm, но за потреби при паркирање ширината се намалува на само 100 cm. Трансформацијата се врши преку прекинувач во кабината (градски режим) кој ги повлекува тркалата во каросеријата.

Во режим на возење, максималната брзина е 90 km/h, а кога тркалата се повлекуваат 40 km/h.

Израелскиот новитет нуди распоред за седење 1 + 1, придвижуван од два електрични мотори (по десет коњски сили) кои овозможуваат дострел до 180 километри, а компанијата од Тел Авив тврди дека батериите се полнат до 80 проценти за 30 минути. Забрзувањето до 50 km/h трае пет секунди.

Книгата за нарачки е отворена, а Израелците најавуваат почеток на масовното сериско производство во 2024 година.