Formula 1: Haas официјално ги потврди Шумахер и Мазепин за 2022 година!
Двоецот Мик Шумахер и Никита Мазепин остануваат возачи на американскиот тим во Formula 1 и следната сезона…
Тимот на Haas F1 одлучи да заврти нов лист кон крајот на минатата година и наместо искусните „лисици“, Ромен Грожан и Кевин Магнусен, се одлучи за двајца новајлии во своите болиди. Мик Шумахер пристигна како шампион во Formula 2, а Никита Мазепин со не особено импресивна возачка репутација, но со значителна финансиска инјекција од неговите спонзори.
Во текот на оваа сезона, младиот возачки тандем на американскиот тим навистина немаше шанса да ги покаже своите вредности, бидејќи болидот на Haas F1 едноставно не е конкурентен. Тимот сепак верува во нив двајца и им дава шанса и во новата сезона. Се разбира, со надеж дека со новите правила, нивниот болид ќе биде поконкурентен.
„Знаевме дека сакаме континуитет зад воланот на нашите болиди во 2022 година и среќен сум што можам да потврдам дека Мик Шумахер и Никита Мазепин и следната година ќе возат за Uralkali Haas F1 Team. Оваа 2021 година им даде можност на двајцата да учат во Formula 1, и како новајлии, направија многу оваа година“.
„Беше тешка сезона, сигурно, со пакетот што го имаме, но во исто време и двајцата го прифатија предизвикот и работеа тесно со тимот за да ги научат нашите процеси и да се прилагодат на сите тешкотии што ги носи Formula 1 – надвор и внатре”
„Сега погледите се свртени кон сезоната 2022 година и убедени сме дека можеме да напредуваме како тим и да им дадеме на Мик и Никита конкурентен тркачки пакет за да го направат следниот чекор во F1 кариерата“, вели шефот на тимот Гинтер Штајнер.
Мик Шумахер вели:
„Како дел од Formula 1, го живеам мојот сон. Првата година заедно со Uralkali Haas F1 Team е многу возбудлива и поучна, и сигурен сум дека искуството од оваа ќе можам да го пренесам во следната сезона. Нови технички прописи, импресивна амбиција на целиот тим и поддршка од Ferrari – секако дека верувам дека ова ќе не приближи до лидерите следната сезона и дека ќе можеме да се бориме за бодови“.
„Со нетрпение очекувам да бидам дел од тим кој станува се посилен и од моја страна ќе направам се што можам за да напредувам. На крајот, би сакал да се заблагодарам на Возачката академија Ferrari за довербата што продолжуваат да ми ја даваат и поддршката што ми ја покажаа низ годините“.
Во пресрет на неговото прво појавување на домашната патека, Никита Мазепин накратко изјави:
„Многу сум возбуден за следната година, новиот болид и можноста да напредувам со овој тим. Мислам дека следната година ќе бидеме силни“.