Кинеските дистрибутери на автомобилски чипови казнети откако ги зголемиле цените за дури 4000%
Тројца автомобилски дистрибутери на полупроводници се казнети од регулаторите за нефер цени
Тоа е потег што треба да и помогне на кинеската автомобилска индустрија, како и на остатокот од светот, во време на глобална криза со чипови.
Shangai Cheter, Shangai Chengsheng Industrial и Shenzen Yuchang Technologies се казнети со 2,5 милиони кинески јуани (328.300 евра) од Државната управа за регулирање на пазарот (SAMR).
Изданието South China Morning Post наведува дека SAMR ја испитувал практиката на покачување на цените на чиповите и било утврдено дека трите корпорации ја зголемиле цената дури за 40 пати (4000%). Зголемувањето од 7-10 проценти се смета за нормално за балансирана понуда и снабдување, а лудата цена ги натера производителите на автомобили панично да прават залихи и дополнително да го влошуваат проблемот.
Во јули, Кина доживеа пад од 16 проценти кога станува збор за продажбата на нови автомобили, како резултат на недостаток на чипови. Audi исто така го намали производството, додека две фабрики на Toyota во Кина подлегнаа на намалувањето на глобалното производство на Toyota за 40 проценти. Во САД, производството беше намалено за 17 проценти, а Ford и General Motors беа принудени да ја намалат можноста за купување на некои од нивните возила.
За глобалната криза се огласи и Stellantis, чии очекувања се дека недостатокот на чипови ќе продолжи и следната година. Daimler има уште полоши очекувања – нивниот извршен директор Ола Калениус верува дека кризата може да се влоши и да трае до 2023 година.