Производителот на автомобили Ford, кој се обидува да ги прилагоди клиентите на фактот дека нивниот култен Mustang во иднина ќе се вози на електрична енергија, излезе со интересна идеја како да се олесни преминот од бензински на електричен погон

Според нив, ова ќе биде олеснето со новиот парфем со мирис на бензин.

Според истражувањето кое го спровеле, секој петти возач на автомобил смета дека најмногу ќе му недостасува мирисот на бензин кога ќе се префрли на електричен автомобил. Скоро 70% од испитаниците изјавиле дека барем до одреден степен ќе им недостасува мирисот на октаните. Ако може да му се верува на ова истражување, луѓето го рангирале мирисот на бензин меѓу најпосакуваните, попријатен од мирисот на вино или сирење, приближно ставајќи го на исто ниво со мирисот на нова книга.

Сето ова на експертите од Ford им дало идеја, па тие го создале парфемот кој мириса на возило со погон на фосилни горива. Покрај бензинот, тој содржи „нијанси на чад, гумени лушпи и „животинска“ компонента. Сето тоа треба да потсетува на наследството на брендот Ford и нивниот класичен Mustang.

При изработката на овој парфем, експертите за мирис ги анализирале хемикалиите што може да се најдат во внатрешноста на возилата, во нивните мотори и бензинот, на пример бензалдехид (одговорен за мисрисот налик на бадем во внатрешноста на автомобилите) и пара-кресол (една од клучните хемикалии во создавањето на мирисот на гумите). Ги измешале со класични состојки на парфем како што се син ѓумбир, лаванда, здравец и сандалово дрво, кои додале дополнителни тонови на конечниот мирис. Парфемот нема да биде достапен во слободна продажба, но ќе му служи на Ford во мисијата „да ги растера митовите за електричните автомобили и да ги увери традиционалните ентузијасти за потенцијалот на електричните возила“.