Започна производство на Toyota Yaris Cross
Целосно новиот компактен кросовер на големата сцена ќе стапи во месец август
Toyota Motor Manufacturing France (TMMF) започна со производство на Yaris Cross, целосно новиот компактен SUV во својата гама. Неговата продажба во Европа ќе започне во август.
Во фабриката во која се произведува моделот се инвестирани значителни средства во износ од 400 милиони евра со цел да се овозможи производство на два модела на иста производна линија – четвртата генерација на Yaris и комплетно новиот модел Yaris Cross. Со ова е зголемен годишниот производствен капацитет на TMMF на вкупно 300.000 возила.
Кросоверот од Б-сегментот е дизајниран и развиен за да ги задоволи потребите на европските клиенти во овој сегмент на пазарот. Очекуваната понуда на мотори за новиот Yaris Cross во голема мера ќе вклучува хибридна верзија со ниски емисии на CO2 што е во согласност со плановите на брендот за 90% учество на електрифицирани варијанти до 2025 година.
Yaris Cross е вториот модел кој се заснова на платформата на Toyota таканаречената GA-B за компактни автомобили. Воедно и осмиот модел опфатен со новата глобална архитектура на Toyota (TNGA – Toyota New Global Architecture) што ќе се произведува во Европа. Почетокот на неговото производство означува уште еден чекор во насока на стратегијата за локално производство на Toyota.
Марвин Кук, извршен потпретседател за производство, вели:
„Воведувањето на Yaris Cross е важно затоа што не само што придонесува за конкурентноста на Toyota, туку исто така ја зајакнува нашата стратегија за локализирање на производството и достигнување на максимален производствен капацитет насочен кон целта на Toyota за зголемување на продажбата во Европа на 1,5 милиони возила до 2025 година“.
Визијата на Toyota за европска локализација оваа година е дополнително проширена, бидејќи Toyota Motor Manufacturing Poland (TMMP) започна со производство на хибридни електрични менувачи и електромотори, обезбедувајќи го 1,5-литарскиот бензинец TNGA и хибридниот погонски систем за моделите Toyota Yaris и Yaris Cross .