Оваа година за прв пат во Силверстон ќе се одржи викенд со нов формат односно со спринт квалификации, а тоа може да создаде проблем за неколку тимови

Aston Martin, Alpine и McLaren се загрижени за состојбата на нивните квачила на ГН на Велика Британија. Промената на распоредот и форматот создава хаос во тимовите бидејќи болидите треба да бидат подготвени поинаку за секоја сесија.

Во петокот ќе се вози само еден тренинг, по што следат квалификации, што значи дека забраната за промена на болидите ќе стапи на сила ден претходно отколку што е тоа случај сега. Екипите можат да сервисираат само мал број делови, а квачилото не е на таа листа.

Поради тоа, некои тимови дури може да го пропуштат тренингот во петокот, бидејќи нивните квачила имаат помал век на траење од оние на болидите на нивните ривали. А да се ​​пропушти единствената тренинг сесија во текот на викендот, секако може да има многу негативно влијание врз тие тимови.

Спринт квалификациите на 100 км спринт се најголемиот проблем, а во Aston Martin и Alpine веруваат дека тоа може да доведе до тоа да нивните квачила да мора да издржат подолго од нормалното и со тоа да се загрози сигурноста.

„Овие квачила се направени за поинакви потреби. Потребно им е сервисирање по 300 километри. Да знаевме пред сезоната дека ќе имаме спринт трки, ќе дизајниравме понакви квачила“, изјави менаџерот на тимот на Aston Martin, Енди Стивенсон.

 

„Не можеме да гарантираме дека квачилото ќе преживее ако ни е забрането да го менуваме во текот на целиот викенд. Ако FIA не направи отстапка, веројатно ќе мора да го пропуштиме тренингот, а тоа не е баш во духот на она што сакаме да го постигнеме“, додава Стивенсон.

FIA веќе соопшти дека нема намера да прави никакви отстапки по ова прашање, а на тимовите што побараа промена им беше кажано помалку да ги вежбаат стартовите.

Сепак, шефот на Alpine, Алан Пермане вели дека се надева дека на крајот сепак ќе им биде дозволено да го заменат квачилото.

„Ова нема никаква врска со вежбање на стартот. Квачилото едноставно се троши на одреден начин затоа што постојано се користи. Проблемот е во голем број на промени во брзината, а не во стартот“, вели Пермане.

Останува да почекаме и да видиме дали и како ќе се разреши оваа ситуација. Ако не, ќе бидеме сведоци на бизарна ситуација за време на петочниот слободен тренинг.