Првично, програмата за почеток ќе биде експериментално воведена само на водечките пазари

Групацијата Daimler е еден од производителите кои забрзано го преструктуираат својот бизнис во новата реалност – електрификација и автономно движење. Сопственикот на луксузната марка Mercedes-Benz неодамна објави дека ќе го забрза процесот на транзиција кон електричен погон и укинување на моторите со внатрешно согорување, со цел однапред подготвените планови да бидат попредвидливи.

Daimler сега размислува и во правец на промена на начинот на продажба на своите автомобили на клиентите. Ола Калениус, извршен директор на концернот, за Automotive News вели дека се развива систем на продажба во кој производителот сам ги одредува цените и му плаќа на својот дилер за секој продаден автомобил.

Првично, новиот продажен модел ќе биде претставен како експеримент на некои пазари во Европа и, доколку биде успешен, ќе стане дел од поголема нова стратегија за оптимизирани и рационализирани процеси на продажба и дистрибуција. Ова, според Калениус, ќе го намали јазот помеѓу производителот на автомобили и неговите дилери, а исто така на клиентите ќе им понуди пореални пазарни цени.

„На овој начин дилерите ќе се грижат само да обезбедат подобра презентација на автомобилот пред клиентите – од истражување до испорака на производот“, објаснува Калениус.

Шефот на Daimler и Mercedes-Benz веќе доби позитивни критики за слични пилот-проекти кои се применуваат во Шведска и Јужна Африка. Тој не именува конкретни земји во Европа, но вели дека станува збор за пазари каде што неговата компанија продава најмногу автомобили. Калениус додава дека програмата ќе започне да функционира во следните неколку години.