Според податоците со кои располага Jato Dynamics, Peugeot 208 и во месец април е најпродаваниот модел во ЕУ

Во 27-те земји што ја сочинуваат ЕУ, претходниот месец биле испорачани 1.029.008 автомобили, што претставува раст од 261 % во споредба со резултатите постигнати во април 2020 година. Се разбира, сето тоа се должи на фактот дека во текот на минатата година, повеќето земји во Европа беа затворени, поради пандемијата со корона вирус.

Доколку податоците се споредат со извештаите од април 2019 година, се добива значително пореална слика. Таквата споредба води до заклучок дека пазарот на ЕУ забележал пад на продажбата од 23%.

Главните двигатели на продажбата во ЕУ остануваат моделите во SUV и EV сегментот. Електричните автомобили бележат голем раст на продажбата, а во април имале удел во продажбата од дури 15%. Продадени се 71.500 електрични возила (+ 338%), додека plug-in хибридите индексирале раст од 507% или вкупно 81.000 регистрации.

Најпродаваниот автомобил во ЕУ и минатиот месец е Peugeot 208 со 18.387 регистрации. На второ место е уште еден модел на Peugeot – овој пат моделот 2008, кој е испорачан до 18.328 клиенти.

Трет на листата е VW Golf со 17.763 регистрации, пред Toyota Yaris на четвртото место со 17.365 испораки.

Stellantis, предводен од Peugeot, бележи голем успех. Peugeot во првата десетка на најпродавани влегува со три модели. Од друга страна, Stellantis има дури шест преставници! Интересно е и тоа што во самиот врв нема возила од премиум сегментот.

Сепак, сè уште не сме ниту на средина на годината, така да многу нешта може да се променат во наредните месеци.