Formula 1: Хамилтон на пол-позицијата во Имола / ВИДЕО
Квалификациите беа неверојатно возбудливи, а на крајот Хамилтон сепак успеа да стигне до пол-позицијата, која е клучна на патеката Енцо и Дино Ферари
Првиот круг од квалификациите беше прекинат само неколку минути по почетокот откако Цунода направи грешка и излета од шиканата Variante Alta. Тој се сврте на излезот од кривината, удри во заштитниот ѕид и целосно го уништи задниот крај на автомобилот.
Откако беше дозволено сесијата да продолжи, Ботас постигна најдобро време од 1.14.672 секунди, десетинка пред Хамилтон и три десетинки пред одличниот Норис од McLaren.
Alfa Romeo беше веројатно најголемото разочарување во Q1 бидејќи и Раиконен и Џовинаци отпаднаа од понатаможниот дел од квалификациите, а ним им се придружија Шумахер и Мазепин. Тимот кој позитивно изненади беше Willams, бидејќи двајцата возачи поминаа во Q2, a тоа е нешто што можеше да се насети по вчерашните тренинзи.
И втората квалификациска серија беше неверојатно интересна бидејќи разликите беа минимални. На крајот, Перез имаше најдобро време на меки гуми од 1.14.716 секунди, само две илјадитинки пред Норис и помалку од една десетина од Леклерк, а возачите на Mercedes и Верстапен беа единствените што поминаа во Q3 со средно тврди гуми. Најголемото изненадување беше отпаѓањето на Саинц, кој беше единаесетти со само четири десетинки заостанување за првопласираниот. По Q2 отпаднаа и Расел, кој заостануваше половина секунда зад Перез, Фетел, Латифи и Алонсо, кој пак беше скоро половина секунда побавен од неговиот тимски колега, кој беше деветти.
Во последната квалификациска сесија, Хамилтон прв зададе удар со врме од 1.14.411 секунди, десетинка пред Верстапен, кој ги имаше најдобрите втор и трет сектор и две десетинки пред Перез.
Вистинското лудило се случи на крајот од сесијата и квалификациите. Прво, Ботас потполно потфрли, а ниту Хамилтон не успеа да го поправи времето. Зад нив по патеката „леташе“ Норис, кој беше најбрз од сите во првите два сектора, но сепак кругот го заврши со минимално заостанување зад Хамилтон. Сепак, неговиот круг веднаш беше избришан поради непочитување на границите на патеката, а на второто и третото место со разлики помали од десетинка се искачија Перез и Верстапен.
Леклер возеше повторно маестрално во финишот и заврши четврти пред Гасли, Рикиардо и несреќниот Норис, чие време од првиот обид беше доволно само за седмото место.
Ботас целосно разочара со осмото место, половина секунда зад Хамилтон, а првите десет ги комплетираа Окон и Строл.
Утрешната трка за ГН на Емилија Ромања започнува во 15.00 часот.