Светска премиера за Kia EV6 / ФОТО
Корејскиот производител ги откри техничките карактеристики на својот нов електричен автомобил
Пред околу 2 недели, Kia го претстави својот нов електричен автомобил од новата генерација, моделот EV6, но не ги откри техничките карактеристики. Сега се познати и тие а рака на срце некои од нив изгледаат навистина импресивно.
Според се, најмоќната модификација на EV6 од 0 до 100 km/h забрзува за 3,5 секунди, што е невозможно за некои верзии на Porsche Taycan. Покрај тоа, батеријата на електричниот автомобил може да се полни со моќност од 400 до 800V, поради новата платформа на корејскиот производител – E-GMP.
Димензиите на Kia EV6 се должина од 4.680 mm, ширина – 1.880 mm и висина од 1.550 mm, а растојанието помеѓу двете оски е 2.900 mm. Ова значи дека електричниот автомобил е помал од Sorento, надминувајќи го само на растојанието помеѓу двете оски, koe е поголемо за 86 мм.
Корејскиот производител ја откри и внатрешноста на електричниот автомобил, во кој главна улога играат 12-инчната дигитална инструмент табла и инфо-забавниот систем со иста големина на дисплејот. Иако нема детали, инфо-забавниот систем има технологија Kia Connect, што овозможува безжично ажурирање и услуги во реално време. Како резултат, сопствениците можат да најдат станици за полнење во близина, да го следат статусот на полнење и километража која ќе може да ја поминат со нивото на батеријата при полнење.
Тука се и управувачот со два крака, дисплејот за проширена реалност, футуристичкиот концепт… Моделот може да биде опремен и со аудио систем Meridian со 14 звучници и технологија Active Sound Design кој преставува вештачки генератор на бучава која се прилагодува на брзината на автомобилот.
Моделот е опремен со системи за асистенција на возачот како Lane Follow Assist, Safe Exit Assist, Remote Smart Parking Assist и Highway Driving Assist 2. Последниот комбинира адаптивно управување со темпомат со функција за централно позиционирање во лента, но и за менување на лента преку натискање на индикаторот. Впечатлива е и „лебдечката“ централна конзола и жолтите акценти. Моделот има и „седишта за релаксирање“, кои се лесни и покриени со ткаенини изработени од рециклирана пластика.
Големото меѓуоскино растојание овозможува пространа внатрешност и удобен товарен простор што собира багаж до 520 литри. Овој простор може да се прошири до 1.300 литри со преклопување на задните седишта.
Kia EV6 ќе биде достапен во различни конфигурации – со стандардни или големи батерии, како и погон на задните тркала или погон на сите тркала. Основната верзија има мотор од 170 КС и 350 Nm, кој е во комбинација со батерија со капацитет од 58 kW/h. Следува верзија 4х4, која има уште еден електромотор и зголемена моќност до 235 КС и 606 Nm. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 6,2 секунди.
Во понуда ќе биде и верзија со батерија од 77,4 kW/h, во која моќноста на моторот е веќе 228 КС и 350 Nm. Истата батерија, но со два електромотори и систем 4х4, ја зголемува моќноста до 325 КС и 606 Nm. Тука, забрзувањето до 100 km/h од место трае 5,2 секунди, а километражата достигнува 510 км во комбиниран циклус WLTP.
Топ понуда е верзијата EV6 GT, која е достапна исклучиво со погон на четири тркала и голема батерија. Комбинираната моќност е 585 КС и 740 Nm, забрзување од 0 до 100 km/h за 3,5 секунди, што е дури и побрзо од Porsche Taycan 4S.
Максималната брзина на EV6 GT е 260 km/h, но километражата тогаш е 405 км. Оваа верзија, исто така, располага со електронски софтвер со диференцијал со ограничено лизгање, кој ветува дека ќе обезбеди динамични карактеристики при управувањето с автомобилот.
За да се зголеми километражата, електричниот автомобил има и енергетски ефикасна топлинска пумпа која ја расфрла отпадната топлина од системот за ладење на автомобилот.
Моделот располага и со интелигентен регенеративен систем за сопирање со шест различни нивоа. EV6 има вградена единица за контрола на полнењето што овозможува функција за оневозможување на преоптоварување на возилото. Иако ова не звучи многу возбудливо, тој ефективно го претвора моделот во огромна батерија што може да снабдува енергија за други работи.
На пример, EV6 може да напојува климатик и 55-инчен телевизор повеќе од 24 часа за време на прекин на електричната енергија. Моделот може да се користи и за полнење на друго електрично возило, давајќи му доволно енергија за да стигне до блиската станица за полнење.