Падот на продажбата на нови автомобили во Европа продолжил и минатиот месец

Според податоците на Јato Dynamics за 27 пазари во Европа, продадени се 848.455 единици, што е пад од 20% во споредба со 1,06 милиони единици регистрирани во февруари 2020 година. Треба да се напомене дека и минатата година, автомобилската индустрија забележала пад на регистрациите од 7% во споредба со февруари 2019 година , а влијанието на пандемијата само го забрза овој негативен тренд и оваа година. 

„Сè додека ограничувањата за патувања остануваат на сила, а потрошувачите остануваат дома, индустријата ќе продолжи да гледа негативни резултати“, коментира Фелипе Муноз, глобален аналитичар во JATO Dynamics. 

По падот забележан во февруари, Јato Dynamics очекува пораст на регистрациите во март 2021 година, особено во споредба со март 2020 година кога европската автомобилска индустрија ја доживеа најниската продажба во последните 38 години (848.400).

Пазарот за дизел автомобили станува сè попредизвикувачки, бидејќи трката за електрификација продолжува. Регистрациите на дизел автомобили, вклучувајќи благи хибриди, во февруари паднале за 33% до скоро 225,000 единици, што претставува 27% од вкупните регистрации на нови автомобили. За брендовите како Mitsubishi, Honda, Toyota, Mazda и Mini, дизелите полека но сигурно стануваат минато.

Од другиот крај на спектарот, чисто електричните и plug-in хибридните автомобили со мала емисија на штетни гасови продолжуваат да влегуваат на пазарот со забрзано темпо. Објавувајќи раст од 67%, овие автомобили регистрираа 115.000 примероци, а вкупниот удел на пазарот скокнал од 6,5% во февруари 2020 година на 13,6% минатиот месец. Во Норвешка, тие учествувале со значителни 79% од вкупниот пазар.

И покрај многу предизвикувачките економски услови, SUV добро поминале во споредба со традиционалните сегменти. SUV возилата имаат пад од 11%, во споредба со падот од 23% регистриран од традиционалните автомобили (вклучувајќи градски автомобили, подкомпакти, компактни, средни, извршни и луксузни седани). 

Февруари бил охрабрувачки месец за Peugeot бидејќи 208 ја замени Toyota Yaris на врвот на рангирањето за најпродавани модели. Последен пат Peugeot ја предводел европската ранг-листа за модел во февруари 2008 година, со Peugeot 207.