Renault има ново лого. Од 2022 на сите нови модели на компанијата! / ФОТО+ВИДЕО
Првично претставено уште во јануари за време на презентацијата на новата стратегија на Renault, новото лого веќе тогаш ја красеше предната маска на концептниот Renault 5 Prototype
Сепак, малкумина очекуваа дека тоа ќе стане новото официјално лого на марката.
Претходното корпоративно лого датира од 2015 година. Визуелно покомплексно, поради што неговите контури во помали димензии понекогаш беа и нејасни. Сегашниот дизајн во форма на ромб е јасен и препознатлив во сите димензии и начини на изведба, било да станува збор за извезено лого, шиено или поставено на било кој дел од возилото. Како и кај другите модифицирани логоа во поново време, и ова има рамен дизајн со остри линии, што го олеснува неговото користење.
Новото лого веќе се појавува на телевизиските реклами за Renault Zoe во Франција, се користи на социјалните мрежи, а од јуни годинава ќе се најде и на други интернет платформи. Што е најважно, од следната година ќе се поставува на сите нови модели и изложбени салони на Renault.
Логото на Renault во форма на ромб или дијамант е едно од најлегендарните и најпрепознатливите во автомобилскиот свет.
Првото лого во облик на ромб се појавува на моделот 40CV претставен во далечната 1925 година. Неговиот дизајн оттогаш е незначително модифициран со цел за да одговара на различни модели. По национализацијата на Renault и создавањето на Regie Nationale des Usines Renault (RNUR) во 1946 година, создадено е логото со чисти и остри линии. Од 1959 година, натписот Regie Nationale е отстранет од логото на Renault, а самото лого е модернизирано со нов фонт. Во 1972 година е претставено впечатливо лого, дизајнирано заеднички од модернистичкиот сликар и вајар Иварал и неговиот син Виктор Васарели. Ова лого останува на предната решетка на моделите на Renault цели 20 години, до 1978 година кога е комплетирано со фонт на Волф Олинс.
Во 1992 година е одлучено да се подобри 3Д-ефектот на легендарниот дијамант користејќи хромирана рамка што одговара совршено со фонтот на Волф Олинс, а која е задржана се до 2004 година. Дијамантот потоа влегува во жолт четириаголник, проследен со нов фонт. Три години подоцна, во 2007 година, натписот е ставен во жолт квадрат, веднаш под дијамантот.
Логото последен пат е променето во 2015 година со нов дизајн и фонт развиен од студиото за дизајн на Renault во соработка со компанијата Interbrand.
Во продолжение краток филм во кој новиот директор за дизајн на Renault, Жил Видал објаснува како и зошто е направена модификација на корпоративното лого.