Најатрактивниот шпански кросовер, сега со мотор од Audi RS моделите / ВИДЕО
Шпанската Cupra слави три години откако стана независна марка, и по тој повод ги почести своите фанови со супер интересен автомобил
Моделот Formentor VZ5 во моментов е најдоброто нешто што доаѓа од Шпанија. Од една страна, тоа е исклучително привлечен кросовер, а од друга, перформантен затоа што се придвижува со фалениот мотор на Audi.
Моделот VZ5 се напојува со 2.5-литарски 5-цилиндерски турбо бензинец. Потпишан е од Audi Sport, а во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка испорачува до 390 КС и 480 Nm. Моторот што многумина би сакале да го видат во Golf R овозможува моќен спринт на Cupra до 100 km/h за 4,2 секунди и максимум до 250 km/h. Интересно, шпанскиот модел е побрз од германскиот пандан со ист мотор – Audi RS Q3.
Моќниот мотор доаѓа со спортски подесена суспензија со 15 нивоа на тврдост (DCC), а сопственикот може да смета и на моќните сопирачки Akebono со шест-клипни вилушки напред. Моторот е развиен од одделот Audi Sport за Audi RS Q3, постигнува 390 КС и 480 Nm и доаѓа во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка, додека моќта се испраќа до сите тркала.
Што се однесува до дизајнот, кросоверот тешко може да изгледа побрутално. Особено задниот дел каде сите погледи одат во насока на дифузерот од карбон и два пара издувни цевки на рабовите. Cupra Formentor исто така има атрактивна странична силуета, за што придонесуваат и тркалата од 20 инчи.
Еднакво моќна е и внатрешноста со специјално прилагоден дигитален кокпит. Цената е непозната, но се знае дека серијата е ограничена на 7.000 примероци. Се шпекулира дека на германскиот пазар продажбата ќе почнува од 58.000 евра, што е значително повеќе од досега најмоќната изведба (VZ 2.0 / 310 КС, 45 000 евра), но и околу 4.000 евра помалку од Audi RS Q3.