Европската унија би требало да постави обврзувачки цели за инсталирање на еден милион јавни станици за полнење на електрични возила до 2024 година, или три милиони до 2029 година, со цел дополнително да ги мотивира потрошувачите да се префрлат на новата технологија, велат од ACEA

Во заедничкото писмо со потрошувачките и групите за одржлив транспорт, ACEA му се обрати на Брисел дека овие цврсти цели ќе им помогнат и на производителите на автомобили и дистрибутерите на електрична енергија да ги забрзаат своите планови.

„Европската комисија треба веднаш да постави обврзувачки цели за проширување на инфраструктурата за полнење на електрични возила во рамките на земјите-членки“, вели претседателот на ACEA, Оливер Ципсе, кој е и главен извршен директор на BMW. „Инаку, дури и сегашните цели во борбата против климатските промени се во опасност.

Продажбата на електрични автомобили во Европа е во подем, особено поради падот на продажбата на возилата со традиционален погон за време на кризата со коронавирус.

Производителите на автомобили забрзано лансираат нови EV модели, со цел да се усогласат со построгите еколошки прописи од Европската унија, а неколку влади воведоа субвенции за електричните автомобили, како дел од програмата за обновување по пандемијата.

Сепак, изградбата на јавни станици за полнење е бавна, а во исто време во игра се различни тарифи и начини на плаќање. Индустриските бројки покажуваат дека во 2020 година во ЕУ имало 224.538 јавни станици за полнење.

Писмото беше потпишано и од потрошувачкото лоби BEUC, како и групата Transport & Environment (T&E), повикувајќи ја Комисијата да создаде заеднички стандарди.

Исто така, поставена е цел за изградба на околу 1.000 водородни станици до 2029 година.

Германската влада во средата се согласи на нацрт-законот што вклучува инсталирање на 1.000 станици за брзо полнење покрај автопатите до крајот на 2023 година. Очекуваната инвестиција е две милијарди евра.