Formula 1: Спринт трките се сè поблизу до тоа да станат реалност
За идејата со Formula 1 тимовите е разговарано на состанок одржан во четвртокот
Идејата е пласирана од раководството на Formula 1 со желба ваквите трки да бидат тестирани веќе оваа година, со цел да се утврди дали ваквиот концепт е применлив за Formula 1. Експериментот би се спровел во Канада, Италија и Бразил.
Планот е квалификациите да се преместат во петок попладне, додека во сабота би се возела спринт трка од 100 км. Резултатите од таа трка би влијаеле и на стартниот редослед на неделната трка, каде потенцијално би се освојувале половина од бодовите.
Според информациите, оваа идеја сеуште не добила официјално зелено светло, но тимовите се отворени за ваква промена и побарале малку повеќе време да ги видат сите детали за таков формат.
Воведувањето на спринт трки може да доведе до некои несакани последици и тимовите сакаат со своите технички директори да согледаат кои потенцијални проблеми може да се појават.
На состанокот се дискутирало и за ограничувањето на платите на возачите, но конечна одлука на оваа тема не е донесена.