Formula 1: Мазепин не смее да вози под руско знаме во неговата дебитантска сезона
Арбитражниот суд за спорт (CAS) донесе пресуда против Русија и Руската антидопинг агенција за бројните скандали со допинг, со која им се забранува на спортистите да се натпреваруваат на големи меѓународни натпревари под знамето на Руската Федерација во следните две години, или до декември 16, 2022
Одлуката се однесува и шампионатите во организација на FIA, вклучувајќи ги Formula E, Formula 1, WRC, WEC и WRX.
Конкретно, во Formula 1 оваа сезона треба да се натпреварува еден возач, а тоа е дебитантот Никита Мазепин, кој потпиша за тимот на Haas F1. Во согласност со оваа одлука, тој нема да смее да се натпреварува на трките под руско знаме или на кој било начин да потенцира дека ги брани боите на Руската Федерација.
Мазепин или кој било друг возач на споменатите натпревари, не смее да има руско знаме или какви било национални симболи на неговата опрема, иако е дозволено да се користат боите на руското знаме. Дозволено е да се користи акронимот RAF кога се зборува за Руската автомобилска федерација, натпреварувачите може да бидат идентификувани како „неутрални спортисти од Русија“, но химната на Руската Федерација неможе да се интонира во случај на победа на трка и ли пред одржувањето на ГП трката во Сочи. Сепак, одржувањето на таа трка не треба да биде доведено во прашање поради оваа одлука.
Сите овие одредби не се однесуваат на гледачите, а интересно е што тие не се однесуваат ниту на возачите во пониските категории. На пример, на Роберт Шварцман му е дозволено да се натпреварува во Formula 2 како претставник на Русија затоа што тоа не е Светски шампионат.