Peugeot во Германија започна со продажба на хибридниот спортски модел 508 PSE (Peugeot Sport Engineered), во две каросериски изведби

Лифтбекот 508 PSE во Германија стартува од 66.640 евра, додека караванската верзија од 67.940 евра. Ова значи дека 508 PSE во Германија е поскап од BMW M340i xDrive чија почетна цена е 63.000 евра. Како потсетување, BMW M340i xDrive има 275 kW / 374 КС, а до 100 km/h забрзува за 4,4 секунди.

Што нуди Peugeot 508 PSE? За почеток, овој француски хибриден plug-in модел комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец и два електромотори, со вкупни 265 kW / 360 КС и 520 Nm вртежен момент. Погонот е на сите тркала, а има и 8-степен автоматски менувач. Производителот наведува дека 508 PSE до 100 km/h забрзува за 5,2 секунди, а максималната брзина е 250 km/h.

Моделот 508 PSE може да работи и само во електричен режим (има батерии од 11,5 kWh), а тогаш може да помине и до 42 километри.

Податоците посочуваат дека 508 PSE има комбинирана потрошувачка на гориво од 2,0 l / 100 km (по циклусот WLTP), додека емисијата на штетни гасови е 46 грама CO2 на километар.

Peugeot 508 PSE се одликува со аеро боди кит (нов преден браник, различна предна маска, нови прагови, заден дифузер), сет од 20-инчни алуминиумски тркала, избор на повеќе бои (Selenium Grey, Nera Black и Pearl White), 10-инчен дисплеј на инфо-забавниот систем, i-cockpit, главен дисплеј, седишта со греење и масажа, систем за автоматско сопирање, адаптибилен темпомат, Night Vision систем…