Јапонската марка ќе ја користи мрежата на својот партнер Renault

Јапонскиот производител Nissan Motor се подготвува сериозно да го намали своето присуство во Европа, на начин што продажбата и сервисирањето на своите автомобили ќе оди преку партнерот од алијансата, Renault, пренесува Reuters, повикувајќи се на јапонскиот магазин Yomiuri.

Ова е дел од новата глобална стратегија на брендот, што е целосно спротивно на планот на поранешниот извршен директор Карлос Гон за проширување на палетата и освојување на нови пазари. Nissan сега се подготвува да ги намали своите активности во 30 европски земји, а компанијата ќе ја затвори својата фабрика во Авила, Шпанија и ќе ја претвори во магацин.

Според некои информации, компанијата ќе ги зачува своите канцеларии во Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија, како и во скандинавските земји. Во останатите земји, Nissan ќе го преземе Renault. Експертите велат дека јапонскиот производител се подготвува за целосно повлекување од Европа со цел да се фокусира на Кина, САД и Јапонија.

Nissan се очекува 2020 година да ја заврши со рекордна загуба во работењето во својата историја, достигнувајќи минус од 3,25 милијарди долари до 31 март, кога завршува фискалната година. За да се намали штетата, компанијата се подготвува да го намали производството и да ја намали гамата на модели за околу 20%.