Германската марка има намера да го зголеми своето портфолио на теренци

Веќе е познато дека Audi го заштити името Q9, па така стана и јасно дека Германците подготвуваат нов теренец. Имено, Audi сака да создаде ривал за Mercedes GLS и BMW X7, кој воедно би бил и модел предводник на марката. 

Првично се зборуваше дека Audi споменатиот модел ќе го понуди до крајот на тековната година. Но, тогаш на сцена стапи хаосот кој го донесе пандемијата на корона вирус, па плановите беа одложени. Новите гласини сугерираат дека премиерата ќе се одржи следната година, а на пазарот ќе се појави на почетокот од 2022 година.

Новитетот треба да ја користи истата платформа како и Q7, но ќе биде подолг и поширок од овој модел. Затоа, се очекува исклучително пространа кабина, со седум седишта. Што се однесува до технологијата, сигурно е дека Audi ќе вметне се што има на располагање во Q9, бидејќи потенцијалот за големи профити од секој продаден модел е огромен.

Кога станува збор за погонските единици, тука постои целосна мистерија. Експертските медиуми од Германија се убедени дека под хаубата ќе се најде 4.0-литарски V8 мотор најверојатно поддржан од „благ“ хибриден систем расположливи 600 КС.

Засега, сè е во доменот на шпекулации, но сигурно е дека Audi наскоро ќе открие повеќе информации за идниот теренец.