Tesla наскоро ќе го запре производството на Model S и Model X
Американската марка ќе го прекине производството на овие автомобили за време на празниците на неопределено време. Според Electrek, Tesla во моментов работи на освежување на овие два модела
Неодамна, Model S и Model X значително поскапеа, па бројни медиуми тоа го протолкуваа како вовед во пристигнувањето на ажурирани возила. Дали и какви промени ќе има кога станува збор за дизајнот, засега е огромна мистерија. Сосема е можно дури и да нема, со оглед на тоа, барем така ние размислуваме, дека Model S иако присутен на пазарот веќе осум години, сепак сеуште изгледа многу модерно, а истото важи и за Model X.
Добро упатените најавуваат промени во салонот на овие модели, иако во моментов е тешко да се претпостави во кој правец би биле промените. Од друга страна, за Model S долго се чека доаѓањето на верзијата Plaid која можеше да се види на тестирања на Nurburgring.
Американската компанија ажурирањето требаше да го заврши во текот на оваа година, но наместо тоа, се реши да се фокусира на зголемување на бројот на испорачани единици од Model 3, што во суштина е многу поважно за оваа компанија.
Сепак, со оглед на тоа дека Tesla веќе потврди дека ќе испрати работници на 18-дневен одмор, голем број новинари се убедени дека во тој период, оваа марка ќе ги направи потребните подготовки за започнување на производството на ажурираните автомобили. Ако ова се покаже како вистина, тогаш премиерата на ажурираните модели би можела да се случи многу наскоро.