Со дизајнерскиот јазик Kodo – Soul of Movement, главниот дизајнер Икуо Маеда постави смела нова насока во дизајнот на Mazda

Од своето раѓање пред десет години, Kodo дизајнерскиот јазик е во центарот на многу автомобили на Mazda – од новата интерпретација на култниот родстер Mazda MX-5 до првото електрично возило на Mazda, MX-30. Сепак, основната идеја зад дизајнот на Kodo остана непроменета: да се истражи моќната и неодолива убавина на природното движење во неподвижен објект.

Буквалниот превод на зборот Kodo е нешто како „отчукувања на срцето“, но со додадено значење на исполнување на нешто со живот, на предметот да му се даде душа. Оваа идеја е клучна во размислувањето на Mazda кога станува збор за дизајнот: 

„Во Јапонија чувствуваме дека нашите мајстори инјектираат живот во она што го прават. Ние веруваме дека обликот што беше искрено и макотрпно создаден од човечки раце добива душа“, објаснува Икуо Маеда. Така, „Душата на движењето“ добива двојно значење изразувајќи ја и суштината на движењето и „душата“ која врвните мајстори на Mazda ја донесоа во автомобилите.

Првите дизајни беа силно инспирирани од сликата на гепард кој се подготвува да скокне, додека новите решенија се повеќе се фокусираат на предизвикување силен и емотивен дизајн со што помалку елементи. Пресвртницата за оваа втора фаза на дизајнот на Kodo беше постигната со два неверојатни концептни автомобили: RX-Vision и Vision Coupe.

Презентирани во 2015 година на саемот за автомобили во Токио, тие предвидуваа нова елеганција и уште поизразена минималистичка естетика на неодамнешните толкувања на дизајнот на Kodo. Динамичките и емотивните форми се постигнуваат со отстранување на сите непотребни елементи со цел да се открие суштината на убавината и движењето. На пример, со отстранување на карактерните линии се создава празен простор на страните на автомобилот кој функционира како празно платно кое постојано се менува благодарение на игра на светло и сенка – естетиката „помалку е повеќе“ за која силно зборува јапонското наследство на Mazda.

Автомобилите создадени со дизајнерскиот јазик Kodo континуирано добиваат меѓународни признанија. И RX-Vision и Vision Coupe се прогласени за „Најдобар концепт автомобил на годината“, а освежената Mazda MX-5 ја освои наградата за светски дизајн за 2015 година. Неодамнешните достигнувања ја вклучуваат наградата Red Dot Award 2020 во категоријата „Дизајн на производ“ за Mazda CX- 30 и новата Mazda MX-30, додека Mazda3 ја освои наградата „World Car Award 2020“ во категоријата дизајн.

Бидејќи Mazda продолжува да ја комбинира љубовта кон возењето со извонредниот дизајн на ентериерот и екстериерот, едноставната елеганција и емотивната привлечност на Kodo ќе останат клучни елементи на идентитетот на марката.

По десет години континуиран успех, Kodo Design продолжува да ги поместува границите на дизајнот на автомобили и да ја дефинира иднината на Mazda.