Електричниот Citroen C3 пристигнува во 2023 година
Новата генерација на популарниот модел на Citroen од Б сегментот ќе донесе и целосно електрична варијанта.
За разлика од електричните изданија на Peugeot 208 и Opel Corsa, C3 на батерии ќе има малку поинаков пристап. Шефот на групацијата PSA, Карлос Таварез, најави дека следната итерација на моделот C3 ќе биде вистинска пресвртница за Citroen, особено кога станува збор за електрификацијата.
Имено, овој мал градски автомобил ќе се базира на нискобуџетна варијанта на платформата CMP, што ќе му овозможи пониска цена во споредба со конкуренцијата. Покрај тоа, електричниот Citroen C3 ќе доаѓа во две верзии, но и двете ќе имаат помала моќност и автономија од сестринскиот Peugeot e-208.
Се верува дека електричниот C3 ќе биде достапен со еден електромотор со моќност од 50 КС односно 80 КС во помоќното издание. Батериите исто така ќе бидат со поскромен капацитет во споредба со попрестижниот 208. Така, C3 ќе понуди батерии од 30, односно 40 kWh. Сето ова треба да придонесе за значително пониска цена од сестринските модели од групацијата PSA, а со тоа и ќе се наметне како идеално решение за оние кои не сакаат да потрошат големи суми пари за да купат електричен автомобил. Уште повеќе, Citroen C3 кој работи на батерии би се наметнал како ривал на нискобуџетниот Dacia Spring Electric.
Секако, Citroen C3 ќе има и конвенционална варијанта која ќе се потпира на веќе тестираните SUS мотори од групацијата PSA. Останува да видиме што друго мисли Citreon за новата, четврта генерација на својот адут од Б сегментот, кој треба да се најде на пазарот во 2023 година.