Неплатените сметки за вода ја стопираат изградбата на фабриката на Tesla во Германија

Роковите за изградба на новата фабрика на Tesla во Европа – Gigafactory Берлин – можеби нема да бидат запазени, бидејќи компанијата остана без вода поради неплатени сметки, наведуваат медиумите во Германија.

Според информациите, на самиот почеток на изградбата на објектот, американската компанија склучила договор со локалната компанија Strausberg-Erkner, специјализирана за водоснабдување. Во договорот се наведува дека Tesla за услугата треба да плати до 14 октомври. Сепак, тоа не се случило и снабдувањето со вода е запрено, што е вообичаена постапка во вакви случаи.

Tesla не го коментира проблемот. Сега американскиот производител треба да ја плати сметката, како и надоместок за повторно пуштање на вода, како и дополнителна казна за непочитување на договорот. Во спротивно, објектот ќе остане без вода, што секако ќе ја попречи изградбата.

Плановите на Елон Маск се фабриката близу Берлин да започне со работа следното лето. Во неа ќе се произведува кросоверот Model Y, како и нов компактен електричен автомобил само за европскиот пазар. Сепак, роковите може да не бидат запазени, бидејќи изградбата ќе запре по втор пат оваа година. Првиот застој во градежните работи беше заради отстранување на неактивирани бомби од Втората светска војна.