Отповик за сите примероци на Volvo Polestar 2
Проблем е софтверот
Марката која ги развива електричните автомобили Polestar, а е во сопственост на шведската компанија Volvo, ги повлекува сите произвeдени единици на моделот Polestar 2, поради проблеми со софтверот. Информацијата доаѓа од бизнис магазинот Dagens Industri (DI).
Предмет на повлекување се близу 2.200 досега испорачани примероци. Повикот за корективна интервенција во сервисните центри следи откако неколку автомобили со овие ознаки ја изгубија својата погонска моќ и едноставно застанале на сред возење, се вели во извештајот на магазинот.
„Не се пријавени случаи на несреќи или какви било повреди“, изјавил портпаролот на Polestar за Dagens Industri (DI). „Сопирачките, управувачот и другите витални системи на возилото работат онака како што замислувавме“.
Dagens Industri (DI) известува дека сите клиенти веќе биле информирани за проблемот, во петокот, и дека од нив било побарано да ја посетат најблиската овластена сервисна станица што е можно поскоро, за дефектот да се отстрани на трошок на конструкторот.
Шведскиот производител на автомобили започна со масовно производство на Polestar 2 на почетокот на оваа година, a испораките во Европа започнаа на почетокот од ова лето.
Извршниот директор на брендот Polestar, Томас Ингелат, уште во август изјави дека компанијата сака да достигне годишно ниво на продажба што надминува 50.000 копии за две до три години.