Истражување: Само 1% од богатите двојно повеќе загадуваат споредено со најсиромашната половина на човештвото
Поради нивната склоност кон чести летови и водени навидум од голема страст кон SUV моделите со исклучително лоши параметри во однос на енергетската ефикасност, најбогатиот слој од светската популација, поточно само еден процент од нив, произведува двојно повеќе штетни емисии кои предизвикуваат климатски промени споредено со најсиромашната половина на човештвото.
Податоците се однесуваат на период еднаков на четвртина век
Оваа прекумерна потрошувачка, што може да се карактеризира и како врвна себичност, остава малку простор во светскиот буџет на резерви за јаглеродни испарувања на сиромашните земји, кои тој потенцијал би можеле да го искористaт за развој, без да ја доведат планетата во зона на се поопасни климатски влијанија, од влошување на бурите до недостиг на вода, велат научниците.
Резултатите од студијата сугерираат дека држењето на глобалните климатски промени под контрола ќе бара не само да им се помогне на посиромашните земји да се развиваат со чисти технологии, туку и воспоставување на драстични мерки за борба против прекумерната употреба од страна на сите светски богаташи, се вели во новата студија.
Тим Гор, раководител на добротворната организација за борба против сиромаштијата Oxfam, задолжен за климатска политика и главен автор на извештајот, вели дека промените нема да дојдат од лица кои делуваат самостојно.
„Тие никогаш нема да се обединат. Ова мора да го водат владите“, вели Гор за Tomson Rheuters Foundation.
Истражувањето, спроведено во партнерство со Стокхолмскиот институт за животна средина, покажува дека за периодот од 25 години, помеѓу 1990 и 2015 година, слојот кој ги опфаќа најбогатите 1% луѓе, довел до 15% емисии кои предизвикуваат климатски промени, што е повеќе од двојно од 7% емитувано од најсиромашната половина од населението.
Најбогатите 10% чинеле 52% од емисиите во тој период, се вели во студијата.
Зголемената популарност на SUV моделите кои едноставно голтаат гориво е посебен проблем, бидејќи овие возила се појавија како втор најголем двигател на глобалниот раст на емисии на штетни јаглеродни соединенија, помеѓу 2010 и 2018 година.