Два бензински и еден дизел мотор за новaта Opel Mokka
Германската компанија објави детали за стандардните верзии на кросоверот
Премиерата на новата генерација на Opel Mokka се случи пред неколку месеци, но тогаш германската компанија ја претстави само електричната верзија на кросоверот. Сега производителот од Риселсхајм ја откри стандардната верзија на моделот, која ќе биде достапна со два бензински и еден дизел мотор.
Основната верзија доаѓа со 1.2-литарски бензински турбо-мотор со 3 цилиндри, кој развива 100 КС и 205 Nm вртежен момент. Овој агрегат доаѓа во комбинација само со 6-степен мануелен менувач. Моторот со ист волумен ќе биде достапен и во верзија со 130 КС и 230 Nm, а во овој случај ќе може да се поврзе и со 8-степен автоматски менувач.
Дизел верзијата располага со 1.5-литарски 4-цилиндерски мотор со 110 КС и 250 Nm, а доаѓа во комбинација само со рачен менувач.
Во стандардната опрема за новата Opel Mokka влегуваат адаптибилен темпомат, систем за одржување на возилото во сообраќајна лента, LED матрични фарови, камера за возење во рикверц и систем за автоматско паркирање.
Што се однесува до салонот, кросоверот може да биде опремен со дигитална инструмент табла со дијагонала од 12 инчи, како и инфо-забавен систем со 10-инчен екран на допир и навигација.
Во сè друго, стандардната Mokka e иста како и електричната верзија. Моделот е изграден на модуларната платформа CMP на алијансата PSA Peugeot Citroen. Кросоверот е помал од неговиот претходник, а за разлика од него, погонот е само на предната оска.
Сериското производство на новиот Opel Mokka ќе започне кон крајот на 2020 година, а европската продажба на моделот ќе започне во првиот квартал од 2021 година.