Британецот водеше од почеток до крај и неговата победа во ниеден момент не беше доведена во прашање

На стартот од трката, екипите беа пречекани со сосема спротивно време од она што беше најавено. Се очекуваше дожд, но беше суво и сончево, со по некој облак околу патеката.

Уште пред да стартува, Саинз од McLaren ја заврши трката, Механичарите пред самиот старт на трката открија дефект во системот за издувни гасови, па Шпанецот воопшто и не се појави на стартно-целната рамнина.

Хамилтон стартуваше одлично и веќе по првата кривина се ослободи од почетниот притисок од неговите пратители. Зад него, Ботас, Верстапен и Рикиардо имаа голем дуел до кривината 4, но позициите останаа непроменети. Зад оваа тројка беа Окон и Албон, а најголем напредок имаа Леклерк и Гасли, кои скокнаа на осмото и деветтото место во поредокот по стартот.

Французинот лесно го заобиколи Леклерк на правецот Камел во третиот круг и покрај тоа што и двајцата на располагање го имаа DRS системот. Круг подоцна, Монаќанецот беше заобиколен и од Перез, по што стана јасно дека на Ferrari му недостасува многу моќност на правците.

На чело од колоната Хамилтон имаше предност од околу 1,5 секунда, а Верстапен околу две зад Ботас. Рикиардо постепено почна да го губи темпото по агресивниот старт, додека Албон не успеваше да го мине Окон во битката за петтото место.

Падот во поредокот за Леклерк продолжи во шестиот круг кога лесно беше поминат и од младиот Норис од McLaren и веќе беше надвор од бодови.

Гасли имаше добро темпо во раната фаза од трката, па и покрај тоа што беше на тврди гуми, беше исклучително брз и во осмиот круг го напаѓаше Строл за седмото место.

Во 11-от круг се случи голем инцидент кога во заштитната ограда се заби Џовинаци од Alfa Romeo, a колатерална штета беше Расел од Williams кој налета на откаченото тркало од болидот на Италијанецот по што трката беше завршена и за него. На патеката веднаш излезе безбедносното возило, кое го искористија возачите од задниот дел на поредокот за замена на гумите. Во тој момент се случи и нова голема грешка во боксот на Ferrari. Механичарите неспремно го дочекаа Леклерк, па тој дополнително падна во поредокот зад Фетел и Раиконен.

Кругот подоцна гумите ги заменија и возачите кои ги држеа првите десет позици до моментот на излегување на безбедносното возило. Гасли и Перез беа единствените кои решија да останат на патеката, па се најдоа на четвртото и петтото место, а промена во позицијата оствари и Албон кој успеа да излезе на патеката пред Окон.

Продолжение на трката следеше во 15-от круг. Хамилтон по летечкиот старт одличен со што не му даде шанса на Ботас да го загрози.

Во 16-от круг Хамилтон се пожали на загуба на моќност, но од тимот преку радио врската му објаснија дека тоа е нормален процес во електричниот мотор и дека не треба да се грижи.

На 17-от круг во битката за 12-то место Раиконен го мина Фетел, додека Рикиардо го мина Перез во битката за 5-то место. Мексиканецот кој сеуште беше на стари гуми еден круг подоцна не можеше да се одбрани ниту од Албон, но затоа Гасли, кој беше на иста стратегија, одржуваше добро темпо на четвртото место.

Во 19-от круг, Перез отиде во боксот, ги стави тврди гуми и, како што се очекуваше, падна на задниот дел од колоната, бидејќи возачите по рестартот сè уште беа релативно блиску еден до друг.

Хамилтон имаше предност од околу 2,5 секунди пред Ботас до 20-от круг, додека Верстапен држеше одлично темпо и беше нешто повеќе од една секунда зад Финецот.

Во 21-от круг Рикиардо се врати на четвртата позиција откако го заобиколи Гасли во DRS зоната, додека Албон и Окон внимателно следеа од позадина. 

Леклерк беше прв кој по втор пат влезе во бокс на замена на гумите. Гасли ги замени своите стари гуми дури во 26 круг. Претходно ја загуби позицијата од Окон, а по излезот од боксот падна на шеснаесеттото место. Потоа со новите медиум гуми брзо напредуваше во позициите и секако беше во конкуренција за бодови.

Во меѓувреме Хамилтон ја зголеми предноста пред Ботас на пет секунди, а истото го нарави и Ботас одвојувајќи се од Верстапен.

До крајот на трката кога станува збор за челните позиции се беше мирно и без возбудувања, за да во последните неколку круга се отвори дуелот за петтото место, бидејќи Окон го напаѓаше Албон, а Норис кој исто така беше исклучително брз зад нив ја чекаше својата шанса. Окон се обиде неколку пати, за конечно да успее во последниот круг, со што стигна до петтото место.

Албон успеа да го задржи шестото место пред Норис, a Гаsли се проби на осмата позиција пред Строл и Перез кои го комплетираа списокот на освојувачи на бодови.

Новата победа на Хамилтон пред Ботас и Верстапен беше 89-та за него. Четвртопласираниот Рикиардо го забележа најбрзиот круг во трка во последниот круг и со тоа донесе дополнителен бод за себе и за Renault.

Резултати:

Highlights:

Изјавија по трката:

Луис Хамилтон

„Не беше се така лесно. Имав едно блокирање на тркалото за кривината 5. Потоа се појавија вибрации во гумите, а потоа имав и грешка во последниот свиок. Мислам дека патеката се ладеше пред крајот а со тоа го губевме и downforce-от, особено затоа што гумите не беа во оптимална состојба во тоа време. „Се плашев дека ќе се случи нешто како на Силверстон, но на крајот видов дека гумите и не беа во толку критична состојба“, изјави Хамилтон.

Валтери Ботас

„Имаше можност на почетокот, но Луис заврши одлична работа и на стартот и по рестартот на трката. Јас едноставно немав шанса. Луис денес возеше без грешка. Барем немав никакви проблеми и се надевам дека ќе можам да се борам за победа веќе следната недела“, изјави Ботас.

Макс Верстапен:

„Беше досадно. Немав што да правам. Не можев да продолжам да се тркам со Mercedes. На крајот останав без гуми, па го изгубив и темпото. Се обидов да го притиснам Валтери, но тие му рекоа да забрза и едноставно не можев да го следам. Бев осамен на патеката. Мислам дека не можевме ниту да се надеваме на подобар пласман од третото место“, изјави Верстапен.

Следната трка од шамионатот се вози веќе за седум дена на патеката Монца за ГН на Италија.