Mинатото лето Volkswagen се збогуваше со „Буба“ по втор пат во својата историја. Дали ќе има можност и за трет пат, останува да се види

Германскиот производител го заврши производството на новата „Буба“ во јули 2019 година, по две генерации на ова возило. Една од причините за стопирањето на производството на овој автомобил беше тоа што не се вклопуваше во „електричната иднина“ на Volkswagen.

Но, се чини дека работите можеби и се промениле во меѓувреме.

Имено, VW во Европската канцеларија за интелектуална сопственост неодамна регистрираше неколку имиња за потенцијални идни електрични модели, а меѓу нив е и е-Beetle.

Дали тоа значи враќање на моделот, но во електрично издание, и не мора. Вообичаена практика за автомобилските компании е да штитат одредени етикети што може да ги искористат за некои нови модели во иднина, дури и ако во тоа време немаат намера да ги произведуваат.

Факт е дека името Beetle е толку значајно за историјата на Volkswagen, што ништо не треба да се остави на случајноста. Затоа што, којзнае, можеби утре ќе има нова управа на компанијата која ќе лансира комплетно електрична „Буба“. Колку за потсетување, VW размислуваше за едно такво возило уште во 2012 година, кога го претстави тогашниот авангарден концепт E-Bugster.

Прикажаниот двосед беше опремен со електричен мотор од 85 киловати, или 116 КС, и литиум-јонски батерии кои му овозможуваа на автомобилот автономија од скромни 180 километри. Концептот E-Bugster, сепак, остана токму како што сугерира неговото име – концепт, бидејќи никогаш не влезе во сериско производство.