Новата Mokka е првиот модел кој ќе ја носи редизајнираната „молња“ на Opel / ФОТО
Симболот во облик на молња во круг, кој ги краси сите модели на Opel од 1963 година, e повторно рестилизиран
На крајот од јуни, германскиот производител ја претстави втората генерација на кросоверот Mokka. Освен новиот дизајн на предната маска, која ќе ги краси идните модели на компанијата од Риселхајм, Mokka на себе го носи и рестилизираниот амблем на Opel кој исто така ќе се најде на идните модели на марката.
Како што вели потпретседателот на одделот за дизајн на Opel, Марк Адамс, „прстенот сега е потенок, поелегантен, попрецизен и покарактеристичен, што дополнително ја нагласува самата молња“.
Новата интегрирана „молња“ е истакната на предната маска од возилото, како и на централниот дел на задната врата, над редизајнираното лого Mokka.
Молња во круг ги краси сите модели на Opel од 1963 година. Во зависност од моделот и годината на производство, амблемите малку се разликуваат. По 1970 година кога се утврдени јасните дизајнерски насоки во сите области на компанијата, логото е рестилизирано дури во 1987 година.
Следните ажурирања следуваа во новиот милениум, во кој блесокот на молња доби тродимензионална форма. Од 2016 година, моделите на Opel ги краси прецизно врежана хромирана молња.
Официјалното лого на компанијата е дизајнирано во модерна рамна форма во летото 2017 година. Редизајнираната молња за идните модели сега се вклопува во дводимензионалното лого за маркетинг и дигитална комуникација.