Објавен официјалниот Formula 1 календар на трки за европскиот дел од сезоната 2020
Новото издание на Светскиот шампионат започнува на 5 јули во Австрија, а за нешто повеќе од два месеци треба да видиме дури осум трки!
Поминаа речиси три месеци од откажувањето на ГН на Австралија, а во меѓувреме дури десет трки се одложени или откажани. Денес, конечно пристигна потврда дека Formula 1 се враќа многу наскоро. Официјално е објавено дека 71-то издание на Светскиoт шампионат ќе започне со два последователни тркачки викенди на патеката Red Bull Ring во Австрија – од 3 до 5 јули и од 10 до 12 јули.
Очекувано, откако ќе започне сезоната, тимовите скоро и да ќе немаат одмор. Секој нов викенд им носи нова трка, па така од Австрија директно заминуваат до унгарскиот Хунгароринг, каде што трка ќе се одржи на 19 јули.
И покрај многу комплицираната ситуација, напорите на организаторите на ГН на Велика Британија вродија со плод. Владата на Велика Британија се согласи да ги поддржи трките и да направи исклучок со вработените во Formula 1 и тимовите при влегувањето во земјата, односно избегнување на задолжителниот карантин, па така ќе имаме две трки во Силверстон на 2 и 9 август.
Жестокиот ритам продолжува на 16 август со ГН на Шпанија во Барселона, трка што требаше да се одржи во мај, но беше одложена. За крај на европскиот дел од сезоната, два трки кои и според пвичниот план требаше да се одржат во закажаните термини – СПА во Белгија на 30 август и Монца, Италија на 6 септември.
Важно е да се истакне дека сите трки ќе се одржат без присуство на публика на трибините и во согласност со строгите мерки за заштита од ширење на коронавирусот. Исто така, во текот на сите осум викенди ќе се одржат трките во придружните Formula 2 и Formula 3 серии.
Распоредот на трки за следната фаза од сезоната ќе биде објавен во наредните недели. Тој треба да вклучува трки лоцирани во евроазиските и азиските области. Точниот распоред на трките кои треба да ги гледаме во септември и октомври, ќе биде објавен подоцна во текот на следните месец два. Потоа Formula 1 треба да замине на турнеја низ САД, а сезонското финале би се случило во декември ГН на Бахреин и ГН на Абу Даби.