По месец и половина застој, работниците во фабриката на Bugatti во Молсхајм во Франција се вратија на работа

Со враќањето на работниците на работните места се рестартира и производството на моделите Chiron и Divo, како и на сите други специјални дизајни. Во Bugatti се убедени дека производствениот процес е во согласност со насоките на француската влада и меѓународните експерти, а проверка на состојбата уште првиот ден направи првиот човек на Bugatti, Стефан Винкелман.

Секој работник мора да стави заштитна маска при влегувањето во работниот простор и не смее да ја отстрани сè додека не си замине. Сите површини кои се допираат, вклучително и рачните алати, мора да се дезинфицираат пред и по употребата, а се препорачува и почесто миење на рацете. Социјалното дистанцирање сè уште е на сила, што значи дека работниците се оддалечени најмалку 1,5 метри.

И покрај нормализацијата на работењето, одлучено е да се минимизираат испораките и одржувањето, а доставата на материјали да се одвива со што е можно помалку контакти. Сите состаноци ќе се одржуваат преку Skype.

Треба да се спомене и тоа дека вработените во Bugatti се должни да ја проверат телесната температура пред да дојдат на работа и да внимаваат и пријават и најмал симптом на коронавирусот.