Истражување: aвтомобилските гуми се поголеми загадувачи од согорување на горивата
Не само издувните гасови од автомобилите се оние кои го загадуваат воздухот. Многу поголема закана се честичките кои се испуштаат од абење на гумите, сопирачки и површината на патиштата
Студија спроведена од страна на независната институција за научно истражување на загадувањето во сообраќајот, Emissions Analytics, покажува дека просечен семеен автомобил при возење и инеракција на гумите, сопирачките и површината на патиштата произведува 1.289 пати повеќе штетни честички од издувните гасови.
Во рамките на студијата е направен тест со кој требало да се утврди количеството на штетни емисии кои не потекнуваат од издувните гасови. Абењето на гумите и сопирачки направиле 5,8 грама штетни честички. Од друга страна, според последните утврдени стандарди, емисијата на издувни гасови е ограничена на 0,0045 g/km.
Студијата била спроведена во идеални услови, а не во услови во кои всушност се вози. Тестовите на британската компанија биле спроведени со правилно напумпани нови гуми на мазен пат. Во реални услови, резултатите би можеле да бидат полоши бидејќи загадувањето од гумите се влошува со лошите патишта, недоволно напумпани гуми и гуми со слаб квалитет. Камионите се посебна грижа, според Motor Biscuit.
„Време е да се разгледа не само она што доаѓа од издувните цевки, туку и загадувачките честички произведени од трошењето на гумите и сопирачките. Нашите првични тестови откриваат шокантна количина на штетни честички од гумите. Тоа е 1000 пати полошо од емисиите на гасови. Она што е застрашувачки уште повеќе е што абењето на гуми е целосно нерегулирано. Со порастот на продажбата на потешките теренски автомобили (SUV) и електрични автомобили, штетните честички кои не доаѓаат од издувните гасови стануваат сериозен проблем“, вели истражувачот Ричард Лофтхаус.
Истражувачите велат дека со краткорочни мерки, како што е доволна напумпаност на гумите, намалување на тежината на возилата и користењето квалитетни гуми, ваквото загадување може драстично да се намали.