Пандемијата стивнува, барем се надеваме дека е така, полека се раздвижуваме, но сепак секогаш има време и да се погледне добар филм, серија, документарец…

А кога сме кај докуентарците, еве и неколку предлози кои ќе го забрзаат пулсот на скоро секој љубител на автомобили и моторспортот. Тоа може да додаде неколку нови генерации деца во армијата на следбеници на овој возбудлив спорт и автомобилите воопшто. Подгответе се за октанско лудило!

Приказна за хиперавтомобил (Apex: The Story of Hypercar)

Кристијан фон Коенигсег, Хорасио Пагани, Крис Харис и многу други ќе ве запознаат со светот на хиперавтомобилите, категорија резервирана само за најбрзите суперавтомобили на денешницата. Неверојатните снимки и приказни за некои од најголемите автомобилски визионери од ова време ќе ве „заковаат“ пред екранот додека од прва рака дознавате што се крие зад инспирацијата за производство на некои од најбрзите и технички најнапредни автомобили на денешницата

Формула 1 – Возење за да се опстане (Formula 1 – Drive to Survive)

Серија документарни филмови за веројатно највозбудливиот октански циркус на планетата ќе ве запознаат со волшебниот свет на Formula 1 и ќе ви ја покажат од агол од кој досега не сте имале можност да ја видите. Начинот на кој се пристапило кон снимањето на серијата е генијален, бидејќи фокусот не е на трките, туку на настаните што се случиле пред, за време и по самите трки. Ова ја прави серијата интересна за оние кои со голем интерес следат сè околу Formula 1, истовремено покажувајќи колку овој спорт e повеќе од само возење автомобил по поатека. Критиките на љубителите на професијата и мотоспортот се одлични.

Ле Ман: Тркањето е сè (Le Mans: Racing is Everything)

Ако Formula 1 е најголемиот октански циркус на планетата, 24 часа Ле Ман е дефинитивно една од најпрестижните трки во светот на автомобилизмот. Le Mans: Racing is Everything ќе ви овозможи невиден пристап во сите 24 часа на оваа легендарна трка и ќе ве приближи до историјата и наследството на генерации возачи кои се обиделе да ја скротат патеката. Креаторите на документарниот филм ги здружуваат силите со тимови како Porsche, Audi, Nissan, Toyotа, Aston Martin и Rebellion, кои се натпреваруваат и составуваат автомобили за една од најсложените трки на планетата.

https://youtu.be/JY2Y7e3c2xs

Вилијамс (Williams)

Williams е приказна за едно од најголемите семејства во Formula 1 која го следи подемот на Френк Вилијамс до слава од невидени размери и борбата на семејството да ги одржи во живот Френк и тимот по трагичната несреќа која го остава во инвалидска количка. Документарецот нуди вистински, досега невидени снимки за тоа што се случувало зад затворени врати, како и автентичен, целосно гол портрет на едно од најпознатите семејства во Formula 1.

Гран при возач (Grand Prix Driver)

Документарецот во четири епизоди ја следи една од најтешките години во историјата на McLaren, легендарниот британски тим во Formula 1. Интересно, за целите на снимањето, на филмските екипи им било дозволено да влезат во инаку многу таинствениот McLaren F1 оддел. Со нарација на актерот Мајкл Даглас и инсајдерските информации на Фернандо Алонсо, двократниот светски шампион во Formula 1, Стофел Вандорн, и двајцата веќе поранешни возачи на McLaren, влезете во светот на високите октани во Formula 1.