Mercedes ja претстави лимузинската А-класа во AMG издание за помладите клиенти

Во месецот кога сите водечки производители едноставно се „испукаа“ во Женева, Mercedes задржа нешто „муниција“ и за потоа. По моделот AMG A35 Hatchback, германскиот производител ја престави и лимузинската варијанта базирана на стандардната А-класа.

Под капакот на моторот се наоѓа истиот 2.0 турбо бензинец со 306 КС и 400 Nm максимален вртежен момент, а моќноста на сите четири тркала се пренесува со помош автоматизираниот AMG Speedshift 7G менувач со двојна спојка и 4Matic системот. Автомобилот до стотка стигнува за само 4,8 секунди, пред да стигне до максималните електронски ограничени 250 km/h. Се разбира, автомобилот добил и соодветната иконографија која го разликува од стандардниот A-класа седан, почнувајќи од 18-инчните алуминиумски фелни до предниот сплитер на долниот дел од браникот со хромирани елементи.

Тука се и аеродинамичните додатоци на праговите, мал спојлер на капакот од багажниот простор, заден дифузер и двоен издув. Клиентите со доплата можат да добијат и дополнителен AMG аеродинамичен пакет како и таканаречениот AMG ноќен пакет, со црни стилски детали на каросеријата, како и 19-инчни алуминиумски фелни

Внатрешноста е копирана од Mercedes A35 Hatchback со карактеристичната MBUX мултимедијална инструмент табла кој се состои од два поврзани екрани налик на таблети.

Цената и стартот на продажбата сеуште се непознати.