Alfa Romeo конечно ја претстави продукциската верзија на до концептот Tonale од 2019 година. Дизајнот, моќниот plug-in хибрид и NFT технологија – тоа е она со што Италијаните ќе се обидат да ги убедат своите клиенти. А очекувањата од овој мал кросовер се навистина големи

Спортскиот европски крак на распространетата империја Stellantis е во страшна состојба. Во САД во текот на 2021 година се продадени „бедни“ 18.000 единици, а нешто подобро беше во Европа – 26.000. Тоа се факти, а фактите велат дека минатогодишната продажба е намалена за близу 30 отсто во однос на бројките во 2020 година и околу една осмина од она што се случуваше пред 20-тина години.

Добрата вест е дека сегментот на мали SUV модели е во подем, а рецептот Tonale доаѓа во вистинско време. Новиот SUV доаѓа со два електрифицирани бензински мотори во опсег од 130 до 275 КС и дизел мотор од 130 КС.. Исто така, ветува многу поквалитетен ентериер отколку кај другите (поскапи) модели во гамата, а од Alfa велат дека примениле неколку методи за да се обезбеди силни вредности, вклучително и користење на технологијата NFT. Конкуренти му се BMW X1, Mercedes GLA, Audi Q3 и Volvo XC40, но и Jeep Compass со кој ја дели платформа.

Во кабината на возачот ве пречекува типичната спортска атмосфера на Alfa Romeo, во која доминираат дигиталните екрани, но и префинетиот дизајн на таблата со инструменти.

Сега класичната табла со инструменти се заменува со 12,3-инчен TFT дисплеј развиен само за Tonele, додека сите контроли се концентрирани на централната конзола, вклучувајќи ротационен DNA прекинувач за избор на режимот на возење.

Клима уредот е двозонски автоматски, а има и база за безжично полнење на паметните телефони. Новиот инфотелематски систем е базиран на Android платформата, картографијата ја потпишува Tom Tom, а има и „безжична“ интеграција со Android Auto и Apple CarPlay. За поврзување, системот користи 4G мрежа со наменска SIM-картичка (само за инфотелематика).

Во однос на просторот во кабината, тој треба да биде дарежлив: должината на меѓуоскиното растојание е идентична со онаа на Jeep Compass (2,63 метри), а Tonale има багажник од 500 литри (450 во хибридната plug-in верзија).

Во однос на погонот, Tonale е првата електрифицирана Alfa, но не е планирана целосно електрична верзија. Постојат два главни бензински мотори: 1.5 turbo Hybrid достапен во конфигурација од 130 или 160 КС (помоќниот е опремен со турбо со променлива геометрија) и 1.3 turbo во комбинација со plug-in погонски систем кој може да испорача вкупна моќност од 275 КС.

Ваквиот Tonale може да смета и на погон на сите тркала (благодарение на задниот електричен мотор) кој ќе биде корисен за поддршка на респектабилни перформанси ако ги земеме предвид ветените 6,2 секунди од 0 до 100 km/h. Овој погонски агрегат еволуирал во споредба со оној на Jeep Compass и има поголема батерија од 15,5 kWh што треба да му гарантира на Tonale електричен опсег помеѓу 60 и 80 km.

Веројатно 1.5-литарскиот хибриден мотор ќе биде најбараниот на пазарот, а станува збор за целосно нов погонски агрегат кој не е само класичен благ хибрид од 48 волти. Овој мотор интегрира мал електричен погон од 20 КС во 7-брзинскиот TCT менувач што ќе му овозможи на Tonale да се движи со исклучен мотор според логика слична на онаа на целосно хибридните автомобили (маневрирање, мали брзини…).

Електричната помош очигледно е намалена, но според инженерите на Alfa Romeo, тоа треба да биде доволно за значително да се намали потрошувачката во урбана употреба каде Tonale во циклусот на хомологација WLTP треба да вози 50 проценти од времето со исклучен мотор со внатрешно согорување.

Tonale е опремен со голем број системи за помош при возење и безбедносни системи дизајнирани да му остават на возачот контрола и возбуда при возење, но и можност за автономно возење од ниво 2.

Тие вклучуваат интелигентна приспособлива контрола на патувањето (IACC) со задржување лента (LC) и помош при застој во сообраќај кои заедно автоматски ја прилагодуваат брзината и траекторијата на автомобилот, држејќи го автомобилот на средината на лентата и на одредено растојание од возилото напред.

Има и автономно итно сопирање со предупредување и автоматско сопирање во случај на судир, дури и со пешак или велосипедист, предупредување за мртва точка, следење на заморот на возачот и детекција на задниот дел што открива присуство на возила од страна при возење наназад.

Што се однесува до поставките на суспензијата во Alfa, тие нагласуваат дека таа е специјално наместена за Tonale за да се обезбеди познатата агилност при возењето на Alfa Romeo, а воланот е многу директен. За крај треба да се истакне дека набргу по почетокот на официјалната продажба во земјите на ЕУ од 4 јули, ќе биде достапен и 1.6 дизел мотор со 130 коњски сили.

Што друго? Па, Италијанците решиле да воведат NFT технологија – неповторлива лична карта за автомобил базирана на blockchain технологија. Ако не сте во тек со новите технологии, накратко, тоа се состои од складирање на историјата на автомобилот (услуги, дефекти, километража…) во непогрешлива база на податоци. Во моментот кога ќе сакате да купите користен Tonale, сите информации ќе ви бидат на дофат на раката. Ова е за одржување на висока резидуална вредност на автомобилот.

Тоа е она на што Alfa Romeo сака да се фокусира, на одржување на вредноста. Производителот обезбедува петгодишна гаранција (па дури и осумгодишна заштита за батеријата) и висококвалитетна услуга. Производството ќе се одвива во фабриката Pomigliano d’Arco во близина на Неапол. Во продажба се очекува од средината на 2022 година. 

Ценовникот ќе биде достапен во април кога официјално ќе се отворат официјалните нарачки, а автомобилот ќе може да се резервира и потоа да се купи исклучиво онлајн со достава.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1C5i8KjW0_NYo-xOM1ZeRUCsyeeYsQLO5″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]