2021 Mercedes S-Class: Кралот на луксузот поставува нови стандарди / MЕГА ФОТО+ВИДЕО ГАЛЕРИЈА
Се случи и една од најочекуваните премиери на нов модел за 2020 година – Mercedes-Benz ја претстави новата генерација на својот модел предводник во гамата, луксузната S-класа
Пред нас е новата S-класа, која на пазарот ќе се натпреварува со новиот Audi A8, како и со рестализираната BMW Серија 7, иако Германците самоуверено тврдат дека ова е „најдобриот автомобил на светот“.
Нарачките за новата Mercedes-Benz S-класа ќе бидат прифаќани од средината на септември, а првите единици ќе бидат достапни во месец декември. На пазарот во САД и Кина, седанот ќе биде достапен од февруари следната година.
Дизајн и архитектура
Новата S-Class е првиот модел на марката поставен на новата генерација на платформата MRA, наменета за седани. Ова практично значи дека S-Class, покрај традиционалната софистицираност во понудата на луксуз и комфор, ќе донесе голема пресвртница во гамата на лимузини од Штутгарт, особено имајќи ги предвид револуционерните промени од технолошкиот спектар, што ги носи во кабината на патниците.
Mercedes потврди дека ќе бидат понудени две верзии на S-Class, што е веќе традиција. Клиентите ќе имаат на располагање алтернативи со стандардно меѓуоскино растојание, но и оние со продолжено. Првата варијанта ќе биде долга 5.179 милиметри, односно 54 милиметри подолга од порано, додека поголемата S-класа ќе биде долга 5.289 милиметри. И во двата случаи патниците од задното седиште ќе бидат задоволни затоа што ќе има повеќе простор за нозете и главите. Згора на тоа, и багажникот имаше корист, па волуменот достигна 20-литарска поголема бројка во споредба со верзијата во заминување, или сите 550 литри.
Компанијата од Штутгарт се пофали дека новата S-Class е најлуксузниот израз на стилот на марката. Решетката на ладилникот е помасивна и поставена поисправено од порано. Понатаму, предните светлосни групации користат Multibeam LED технологија, која сега е достапна како дел од системот наречен Digital Light. Во зависност од поставката, фаровите преку обликуван светлосен сноп ќе можат да проектираат разни пораки на патот, како што се предупредувања од разни видови. Тука се мисли на можни работи на пат, семафори, па дури и навигација низ сообраќајни ленти.
Страните на новата лимузина се поелегантни, пофлуидни од порано, додека „фенси“ рачките за отворање на вратите може да се нарачаат одделно. Погледот на задниот дел првично е насочен кон парот триаголни „стоп светла“ поврзани со хромирана лента, додека целокупната форма сега е поаеродинамична отколку порано.
Патнички салон и технологија
Целокупната архитектура на ентериерот е прилагодена на новиот информативно-забавен систем од втора генерација-MBUX.
Погледот во салонот веднаш се насочува кон големиот монитор поставен во средината на централниот гребен, кој користи OLED технологија. Поставен е во форма на портрет, така што се спојува со централниот гребен, а по дијагонала е долг 12,8 инчи. Новиот мултимедијален систем вклучува и нов кориснички интерфејс што овозможува безжично ажурирање на софтверот.
Нов е и дигиталниот инструмент панел кој нуди графика со 3D ефект. Тука е и новиот волан со функции контролирани на допир. Доколку се погледне над управувачот, ќе се забележат информации проектирани на шофершајбната, а кои симулираат дигитализирана верзија на реалноста. Ова практично значи дека возачот, без да го тргне погледот од патот, ќе има податоци од навигацискиот уред (доколку тој систем е активен), додека истиот тој приказ ќе бидат прикажан во 3D форма и на површината на патот. Покрај ова решение, ќе биде достапен и класичен HUD систем. Во секој случај, резултат на се ова е елиминирање на 27 копчиња од контролната табла на новата Mercedes S-класа споредено со моделот од постарата генерација.
Од задната клупа S-Class може да се инсталираат најмногу три монитори пред патниците. Два од нив се со дијагонала од 11,6 инчи и се поставени на задниот дел од предните седишта. Тие можат да се користат за пребарување на Интернет, проверка на е-пошта или гледање телевизија. Постои и подвижен таблет, која се наоѓа во просторот за одмор за лактите на патниците од задното седиште, во верзиите кои имаат место за транспорт и на трето лице на задното седиште. Значи, ако моделот е наменета за сместување на две лица, тогаш тој таблет е во конзолата што ги дели тие две лица.
Со моделот ќе се нуди и акустика Burmester (High-End класа) со триесет звучници со кои се формира 4D звук со дополнителни вибрации кои се испраќаат преку седиштата за ниски бас тонови, најнова верзија на системот за контрола на удобноста Energizing, четири зонска клима…
Новата функција е MBUX Interior Assistant, а станува збор за асистент во патничкиот салон. Во суштина, станува збор за идеја според која компјутерот треба, благодарение на камера поставена на панелот над главата на возачот, да ги протолкува движењата на главите на патниците, нивните раце и тела, со цел да им помогне што е можно полесно да ги реализираат своите желби. На пример, ако возачот посегне по нешто од задната клупа, камерата треба да сигнализира дека треба да се активира задното светло. Или, ако патникот на задното седиште сака да го напушти возилото, а сензорите детектираат возило што се приближува одзади, се активираат црвените светла за предупредување…
Моторизација
Во Европа, продажбата започнува со 5 модификации со редни 6-цилиндерски 3.0-литарски бензински агрегати (М 256) и дизелски (ОМ 656), сите спарени со 9-степен автоматски менувач.
Првично, ќе бидат достапни верзиите S 450 4Matic (367 КС и 500 Nm, забрзување до 100 km/h за 5,1 секунди), S 500 4Matic (435 КС и 520 Nm, забрзување до 100 km/h за 4,9 секунди), S 350 d (286 КС и 600 Nm, забрзување до 100 km/h за 6,4 секунди), S 350 d 4Matic (286 КС и 600 Nm, забрзување до 100 km/h за 6,2 секунди) и S 400 d 4Matic (330 КС и 700 Nm, забрзување до 100 km/h за 5,4 секунди).
Кај сите верзии, максималната брзина е ограничена на 250 km/h. Бензинските варијанти имаат хибриден систем од 48 волти со стартер-генератор EQ Boost, што ја зголемува моќноста за 22 КС и 500 Nm. Покасно ќе биде претставена верзијата со V8 мотор со аналогна технологија (S 580). Во текот на 2021 година ќе биде претставен и plug-in хибрид, кој ќе може да помине до 100 километри само на електрична енергија. Секако, подоцна доаѓаат и AMG-верзиите, како и електрична верзија – EQS.
Засега нема верзија Maybach, но седанот ќе биде достапен во две верзии – со стандардно и со продолжено меѓуоскино растојание. И двете верзии по големина се поголеми од нивните претходници. Првиот е 54 mm подолг (5.179 mm), а вториот – 34 mm (5.289). Растојанието помеѓу двете оски е зголемено за 71 mm (3.106 mm) и за 51 mm (3.216 mm) соодветно. Ширината и висината се исти – 1.954 mm (+55 mm) и 1.503 mm (+10 mm и +12 mm соодветно). Волуменот на багажникот е зголемен за 20 литри и сега е 550 литри.
Ниво 3 на автоматско возење
Очекувано, новата Mercedes S-класа ќе понуди Ниво 3 на автоматизирано возење. Очекуван во втората половина на 2021 година, новиот Drive Pilot систем на компанијата ќе може да ја вози новата Ѕ-класа во специфични услови на патот, вклучително и во тешки сообраќајни ситуации или соодветни делови од автопатиштата во Германија, првично до законски дозволената брзина од 60 km/h. Системот Drive Pilot користи Lidar заедно со низа други сензори и дигитална мапа со висока дефиниција. Mercedes нагласува дека возачот мора да остане подготвен да ја врати контролата над возилото и да продолжи со возење кога системот ќе го побара тоа.
Управлива како и А-класа
2021 Mercedes S-класа доаѓа со E-Active Body Control Suspension како опција, со стандардна Airmatic суспензија со континуирано прилагодливи амортизери. Покрај тоа, Mercedes додал нов управувачки систем со задната оска кој овозможува до 10 степени агол за задните тркала за да ја направи новата S-класа подеднакво способна за маневри како A-класата.
Mercedes ќе понуди две варијанти на системот за управување со задната оска, при што првата нуди агол до 4,5 степени, а другата нуди 10 степени. Ако се одлучите за втората, големината на тркалата е ограничена на 255/40 R20.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1pW_N7zmXhWChXMMyzAa9LCDKos2kL5Gi” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
ВИДЕО ГАЛЕРИЈА